Папата Лав ќе угости познати актери и режисери меѓу кои ќе биде Кејт Бланшет: Го објави и списокот на омилени филмови
Папата Лав четиринаесетти ќе го доведе Холивуд во Ватикан. Првиот папа од САД, кој во мај беше избран за наследник на папата Франциск, на 15 ноември ќе угости бројни познати актери и режисери. На списокот на гости се наоѓаат оскаровката Кејт Бланшет, Адам Скот, легендарниот режисер Спајк Ли, како и Крис Пајн и режисерот на сагата „Лудиот Макс“, Џорџ Милер, пишува „Ројтерс“.
Препорачано
Холивуд во Ватикан
Меѓу гостите кои треба да се сретнат со папата се и Алисон Бри и Дејв Франко, ѕвездата од „Господарот на прстените“ Виго Мортенсен, како и режисерите Гас Ван Сент и Тони Кеј. Од Ватикан на 10 ноември соопштија дека Папата „изразил желба за продлабочување на дијалогот со светот на филмот, истражувајќи ги можностите што уметничката креативност ги нуди за мисијата на Црквата и промоцијата на човечките вредности“.
Настанот го организира ватиканскиот канцелар за култура во рамки на тековната Света година на Католичката црква. Ретка е можноста папата да угости холивудски ѕвезди. Неговиот претходник, папата Франциск, во јуни 2024 година угости комичари, меѓу кои беа Конан О’Брајан, Стивен Колберт, Џими Фелон, Вупи Голдберг и Крис Рок.
Љубовта на папата кон филмот
Во јуни годинава, Ал Пачино стана првата холивудска ѕвезда која имаше приватна аудиенција кај папата Лав. Како дел од најавата за новиот настан, Ватикан сподели и список на омилени филмови на папата кој е роден во Чикаго: „Убав живот“ (1946), „Моите песни, моите соништа“ (1965), „Обични луѓе“ (1980) и „Животот е прекрасен“ (1997).
Трогателен состанок со Роберт Де Ниро
Оваа вест доаѓа само неколку дена откако папата Лав на 7 ноември во Ватикан се сретна со Роберт де Ниро и неговите деца, Џулиана и Дрена де Ниро.
„Тоа е добар човек. Бев многу, многу среќен што го запознав“, изјавил актерот по средбата.
„Мојот внук, кој почина од предозирање пред нешто повеќе од две години, се викаше Лео. Мојата ќерка му ја даде неговата фотографија и тоа беше убав, многу посебен момент“, додал Де Ниро.


