Пандемија: Невидливиот бран „збриша“ цели сектори

скопје коронавирус ковид-19 попуст гтц коронакриза корона човек маска македонија
Попустите живеат само во рекламите, кај нас цела година е „црн петок“, ама џабе / 27 април 2020 / Фото: EPA/EFE GEORGI LICOVSKI

Пандемијата ги „фрли на колена“, малите и средни претпријатија (МСП) во Северна Македонија. И без официјалните податоци од државните институции, добрите познавачи на состојбите во овој сектор, се единствени во ставот дека тие имаат најмали шанси да ја преживеат оваа здравствена, економска и финансиска криза. Состојбите се толку лоши, што МСП веќе не може да „играат“ со нивниот најголем адут – полесно да ја сменат дејноста и да не зависат од големиот капитал.

Ковид-кризата, речиси ги „збриша“ претпријатијата од туризмот, угостителството, игротеките, школите за странски јазици, едукативните центри и уште десетина други услужни дејности. Просто е трагично, што секојдневно се става клуч на вратата на некој дуќан, бутик или мал производствен погон, а трговските центри се полни со натписи дека „локалот се издава“. Сите што имаа планови или размислуваа годинава да станат сами свои газди, сега се воздржуваат или ги одложуваат бизнис плановите. Како и да е, се уште сме далеку од крајот на оваа здравствено- економска криза, а експертите предупредуваат дека наредните месеци ќе бидат клучни за да се даде одговор на прашањето – кој ќе ја преживее рецесијата? Поинаку и не може да биде, затоа што големиот пад во прометот, ја влошува деловната кондиција и тоа ќе предизвика затворање на уште повеќе мали фирми.

Данела Арсовска

– Македонските мали и средни претпријатија, претставуваат повеќе од 99 отсто од регистрираните активни претпријатија и имаат клучна улога во функционирањето на националната економија. Нивното учество во создавањето на БДП изнесува 65 отсто и доминираат пред другите субјекти. МСП обезбедуваат повеќе од 80 отсто од работните места во приватниот сектор и се столбот на македонската економија – објаснува за „Слободна ТВ“, Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Најранливи микропретпријатијата

Во период на несигурност и со недоволно официјални податоци за степенот на деловни загуби и прекини за македонските претпријатија, Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) и Бизнис конфедерацијата на Македонија (БКМ), со поддршка од Меѓународната организација на трудот (МОТ), и во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), спроведоа заедничка анкета. Целта беше да се соберат докази за влијанието на пандемијата врз работењето и отпорноста на претпријатијата, како и да се идентификуваат соодветни мерки за поддршка кои би биле најкорисни за да можат претпријатијата да ја надминат оваа криза.

Ангел Димитров

– Кризата предизвикана од ковид-19 сериозно влијаеше на околу 82 проценти од анкетираните претпријатија кои пријавија значителни финансиски загуби и привремен прекин на нивното деловно работење. Околу 43 проценти од анкетираните претпријатија се соочиле со намалување на нивните приходи за повеќе од 50 проценти, додека 11 проценти привремено ги затвориле претпријатијата – соопшти Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи.

Според податоците од оваа анкета, микро претпријатијата прикажале најголема ранливост. Имено, 50 проценти од нив пријавиле преполовување на нивните приходи, а 19 проценти пријавиле затворање на бизнисот. Иако големите претпријатија покажуваат поголема отпорност (ниедно не пријавило привремено затворање), голем дел од нив (48 проценти) сепак се соочиле со пад на приходите над 50 проценти. Најголемиот дел претпријатија кои пријавиле пад на приходите работат во секторите погодени од забраната на Владата за работење во пролетните месеци и карантините, а тоа посебно се однесува на транспортот, услугите за складирање, сместувањето и прехранбените услуги; градежништвото, трговијата и професионалните, научните и техничките дејности.

Илустрација: Слободен печат

– Претпријатијата идентификуваа неколку заеднички предизвици кои влијаат на нивното деловно работење, вклучително и пад на побарувачката за производи и услуги (45 проценти), послаба доверба во партнерите од синџирот на снабдување (38 проценти), и прекини во наоѓање суровини (35 проценти). Овие предизвици главно влијаеле на профитабилноста и обртот на претпријатијата (90 проценти), по што следи намалување на продуктивноста и неможност да се остварат целите на деловното работење за 2020 година (78 проценти) – додава Димитров.

За да се ублажат последиците од пандемијата и да се одржи работната сила, сите анкетирани претпријатија презеле мерки за прилагодување на нивното деловно работење. Најшироко користени мерки што се примениле се намалувањето на работните часови (69 проценти), платеното отсуство за вработените (43 проценти), промените во организацијата на работењето (28 проценти), организирање на пристапот за клиентите и/или добавувачите (28 проценти), и спроведување на иновативни решенија (на пример е-трговија). Анализата по сектор покажува дека 80 проценти од претпријатијата во градежништво и трговија пријавиле дека ги намалиле работните часови во време на полицискиот час, бидејќи им се намалила побарувачката за услуги/ производи.

Отпуштањата на работниците се неминовност

И покрај сите преземени мерки за задржување на работната сила, околу 9 проценти од анкетираните претпријатија морале да отпуштат некои работници. Големите и малите претпријатија се први во редот претпријатија кои отпуштиле работници (11 проценти), додека микро и малите претпријатија отпуштиле помал процент од својата работна сила (7 проценти и 8 проценти соодветно).

Од овие претпријатија, 10 проценти отпуштиле 1-10 проценти од своите работници, додека 4 проценти отпуштиле значителен процент на работници (над 40 проценти). Значителен број на претпријатија се соочуваат со ризик од затворање во блиска иднина.Според податоците на Агенцијата за вработување до 30 ноември во Северна Македонија има вкупно 155.218 невработени лица, а  во март кога почнаа првите посериозни знаци на кризата имаше 107.737 невработени лица. Од 11 март до 30 ноември, од работа биле одјавени 16.381 лица.

Илустрација: Слободен печат

Претседателката на ССК Арсовска е децидна дека заканата за опстанок во кризата е најголема за малите и средни компании, бидејќи финансиските резерви, кои ги имаат на располагање им се ограничени, а од друга страна, ним им е ограничен и пристапот до капитал на финансиските пазари. Проценките на реномирани  меѓународни институции покажуваат дека овие претпријатија без приходи може да издржат само еден месец, а 40 до 60 отсто од нив не успеваат да ја обноват својата дејност, ако се затворат.

– Сојузот на стопански комори на Македонија кој застапува над 24.000 претпријатија преку 35 комори и организации, уште на самиот почеток на здравствената криза предизвикана од ковид-19, ги истакна приоритетите кои треба да бидат во фокус за надминување на последиците од пандемијата. До Министерството за финансии веднаш по првиот удар на пандемијата доставивме посебен документ во чие изготвување учествувавме, а е циркулиран и од Интернационалната стопанска комора во над 100 земји во форма на „Повик за спас на малите и средни претпријатија“, кој содржеше мерки и препораки за поддршката што треба да ја добијат претприемачите додава Арсовска.

Илустрација: Слободен печат

Според податоците на Државниот завод за статистика, во Северна Македонија во 2019 година имало 75.914 активни деловни субјекти и во однос на 2018 година, нивниот број бил поголем за 5 проценти. Најмногу се отворале фирми кои се бавеле со уметност, забава и рекреација – 24.9 проценти ( 349 субјекти). Интересно е дека во 2019 година, во однос на 2018 година, во секторот на здравствена и социјална заштита, имало намалување на бројот на активни деловни субјекти за 3,5 проценти, а се зголемила бројката на новоотворени автомеханичарски работилници за 30,5 проценти. Најмалку новоотворени фирми – 11 проценти во 2019 година, биле во преработувачката индустрија.

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во Северна Македонија и натаму доминираат малите и микро бизниси, па меѓу активните деловни субјекти, со 80,7 проценти се оние од 1 до 9 вработени, а само 0,3 проценти од активните деловни субјекти имаат над 250 вработени. Просечниот живот на речиси половина од македонските фирми е пет години, а најголемиот дел од нив се неактивни три години по ред. Државната статистика, нотира дека 88,3 проценти од новоформираните фирми ја преживуваат првата година, но само 45,1 проценти се задржале во живот и по пет години од формирањето. Најжилави биле претпријатијата од здравствената и социјална заштита (79.7 проценти). Тука спаѓаат голем број приватни лекарски ординации и аптеки, приватни лаборатории за био- хемиски анализи и слично.

Според податоците на Централниот регистар, во првиот квартал од оваа  година, покрената е постапка за бришење на 192 фирми, кои не поднеле завршни сметки за 2015, 2016 и 2017 година, а само во март се избришани 570 фирми. Меѓу нив најбројни се трговците, фризерите и козметичарите, такси компаниите, фирмите од товарниот патен транспорт, сметководствените и фирмите кои даваат адвокатски услуги. Се затвориле и ресторани, а клуч на врата ставиле и теретани, игротеки, автошколи, аптеки, маркетинг агенции итн.

Антикризните мерки – лек за шокот во економијата

На крајот на 2020 година, јасно е дека македонската економија не ја избегна галопирачката рецесија. Тоа значи дека мора да продолжат големите владини интервенции, за да се задржи барем минималното ниво на економска активност, да се избегнат масовни отпуштања и да се обезбеди поддршка за системите на социјална заштита. За тоа во каква состојба се наоѓаат малите претпријатија говорат и податоците од последната анкета на Сојузот на стопански комори, според која половина од анкетираните компании пријавиле пад на приходите поголем од 80 отсто. Исто така 17 отсто се соочиле со привремено затворање, 20 отсто имаат нарушена ликвидност, 17,3 имаат откажување на пласмани, договори и нарачки.

Како и во останатите земји во светот, Владата на Република Северна Македонија, во изминатиот период презеде обемни антикризни мерки како одговор на шоковите врз македонската економија и претпријатија, фокусирајќи се на оние сектори што беа први и директно погодени од кризата. Досега се пласирани четири економски пакети, а нивниот вкупен износ е околу 1 милијарда евра. Ако е потребно, премиерот Зоран Заев, најави дека и во 2021 година ќе има уште пакети на економска помош. Главниот предизвик што гo одбележа работењето на Министерството за економија последните 180 пред изборите во јули и првите 100 дена на новоизбраната Влада, е справувањето со негативните ефекти врз стопанството предизвикани од светската пандемија со ковид-19.

Крешник Бектеши

– Нашата цел е во првата половина од следната година да направиме измени и дополнувања на Законот за финансиска поддршка на инвестициите преку кој се реализира Планот за економски раст со кои што ќе се дополни и прошири опфатот на компании и проектите кои што ќе бидат поддржани. Целта е да им излеземе во пресрет на компаниите да инвестираат во својот раст и развој што ќе значи отворање на нови работни места, но и нови странски пазари – потенцираше министерот за економија Крешник Бектеши.

Илустрација: Слободен печат

Како дел од проектите на кои ќе се фокусираат во наредниот период, Бектеши го спомена дополнителното олеснување на условите за водење бизнис. Во таа насока, веќе е започната постапката за законски измени со кои се овозможува основање на фирма со минимален износ на основна главнина од 1 евро. Важно е да се спомене и дека од почетокот на следната година, ќе се направат измени на Законот за трговски друштва, со кои ќе се воведе можност за примена на конвертибилниот заем кај Друштва со ограничена одговорност (ДОО), со што ќе се создадат можности за развој на нов пристап до финансии за старт-ап компаниите односно инвестиции од страна на бизнис ангели.

– Првите три пакети на економски мерки за спас имаа сложени и дискриминирачки процедури за аплицирање, а и самата вредност на мерките за спас беше во најмал износ во процент од БДП споредбено не само во регионот, туку и на глобално ниво. Во носењето на четвртиот пакет на економски мерки потребата од поддршка за спас на малите и средни претпријатија беше зголемена и помошта беше подобро проектирана. Процесот на имплементација тече малку побавно од очекуваното, но се надеваме дека тоа ќе се надмине. Исто така многу важно за овие претпријатија е финансиската помош да продолжи и од јануари, преку мерки за одржување на ликвидност, меркиза  одложување на даночните обврски и субвенции за задржување на вработените. Не треба да се заборави дека претприемачите, малите и средни претпријатија се столбот на националната економија и за нив мора да се обезбеди безрезервна поддршка со квалитетни економски мерки, бидејќи тие доколку опстојат ќе бидат во можност да допринесат за растот и развој на економијата штом започне опоравувањето – објаснува претседателката на ССК, Арсовска.

Илустрација: Слободен печат

Црна Гора: Малите и средни бизниси, можат да го пренесат вирусот на кризата врз банките

Намален промет, ризик за деловните партнери кои не можат непречено да функционираат, пад на побарувачката за производите или услугите, стопирана работа поради епидемиолошките мерки, се клучните проблеми со кои се соочија црногорските стопанственици од секторот на микро, малите и средни претпријатија (ММСП), поради пандемијата на коронавирусот.

Сето ова, како што пишуваат црногорски „Вијести“, доведе до пад на годинешните приходи во однос на минатата година, а предизвика и отпуштања на вработените. Ова е билансот на влијанието на ковид кризата врз црногорската економија, во која секторот ММСП е клучната алка, со учество од 99,6 проценти и извор на приходи за над 70 проценти од вкупниот број на вработени.

Релевантните истражувања на меѓународните организации, покажуваат дека ММСП се во актуелна ситуација на ризик од пропаѓање, а тоа може да предизвика префрлување на вирусот на кризата и врз банкарскиот сектор, што е неопходно да се избегне, бидејќи во спротивно ќе следи долго и бавно опоравување.

Според црногорски „Вијести“, тамошната влада усвоила три пакети мерки за помош за ублажување на економските и социјалните последици. Со тие мерки, би требало да се обезбеди дополнителна ликвидност, како и продолжување на кредитирањето кон реалниот сектор, со одредено олеснување на финансиските услови, со цел да се задржи балансот меѓу финансиската стабилност, поддршката на економијата и здравјето на банкарскиот сектор.

Министерот за економски развој на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, најави субвенционирање на платите до крајот на март 2021 година, како и дека е формирана работна група, која интензивно работи на осмислување на нов пакет мерки за поддршка, кој ќе биде важечки за првиот квартал од идната година.


Приказната за влијанието на пандемијата врз економијата е создадена во соработка со дневниот весник „Вијести“ од Црна Гора и „Слободен печат“ од Северна Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот