Љупчо Палевски - Палчо
Љупчо Палевски - Палчо / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Палевски им прочита писмо на државниот обвинител Коцевски и на судот со барање да се изземе обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска и ЈО Скопје

Само половина час траеше денешната јавна расправа за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски во кривичниот суд Скопје. Првообвинетиот Љупчо Палевски денеска во кривичниот суд се обрати кон државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и до судот, со барање да се изземе обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска и целото јавно обвинителство Скопје во процесот во кој тој е обвинет за двојно убиство.

Се предаде на полицијата Гоце Трајковски, клучен сведок во предметот за Вања, баран со потерница за палење кафуле

– Не сум оптимист за вашата правична одлука, но нека остане пишан документ каква криминална истрага спровеле вашите вработени, а причините се во двата обвинителни акти и во записникот каде лажно сведочел сведок пред обвинителството. Сите фалсификувани докази се со јавнообвинителска наредба, со што се докажува намерата и тоа вештачењето од телефонот „ајфон 13“, податоците од базните станици, нецелосната и фалсификувана телефонска анализа. Јосифовска иако ги знаела фактите од нејзините докази, без да го вештачи телефонот на сведокот, а за да ги негира моите наводи, донесе сведок кој лажно сведочел. Но криење на оружје, од страна на еден обвинител 421 ден, нерасчистување дали другите обвинети поседуваат оружје, е најсериозно кривично дело што јавен обвинител може да го направи во предмет за двојно убиство – рече Палевски.

Тој додаде дека обвинителството на пет сведоци од политичката партија Десна им поставувало прашања дали виделе пиштол во неговата канцеларија, но истото не било спроведено за другите обвинети, односно за нив не се проверувало дали имаат оружје.

– Не ги прашала дали тие поседуваат оружје. Расчистувањето на таа околност обвинителот го презел само за мене, а МВР ја известило дека 6 месеци претходно ми е одземен пиштолот и прекршочно сум казнет. По добивање на само дел од доказите на 16.08 веднаш ја воочив оваа неправилност. Обвинителката во листата докази заборавила да ја стави и вештачената чаура. Затоа важната чаура ја поднесов јас како доказ. Криминалистичката пракса потврдува дека вакви злосторства се прават со оружје купено на црниот пазар, а обвинителката тоа треба да го расчисти – рече Палевски.

Тој додаде дека во домот на Боре Видевски претрес е направен на 3.12.2023, а пред тоа тој е однесен во станица.

– Во записникот за претрес пиштолот не е евидентиран и не постои. Зошто Јосифовска не го зела тоа предвид во истрагата е доказ за намера и свесност во креирање обвинителни акти без ниеден доказ. За Боре Видевски нема ниедна потврда за привремено одземени предмети од СВР Велес. На 3.12 кога Боре е лишен од слобода, за Велибор Манев се пишани 3 потврди за одземени предмети од тренерки до сешто. За Боре Видевски такво нешто не постои ни за пиштолот ни за пушката. Сите овие докази, посебно дозволата, да ви помогнам полесно да ја најдете, не е во системот апис на МВР, туку во стариот систем хост. Доставувам фотографија од монитор на МВР каде се гледаат податоците што ги предлагам како доказ. После ваквата лоша истрага, овој факт го доставија до одбраната правдољубиви луѓе од МВР кои ни го доставија доказот. Со секоја дозвола за оружје има отпечаток за испалување, па со вештачење може да се утврди дали со оружјето што намерно обвинителката не го барала е сторено делото или не. Каде е пиштолот, да одговори обвинителката Јосифовска, којшто е во сопственост на еден од обвинетите и зошто 421 ден не го расчистила овој факт и зошто чаурата не ја приложила во листата на докази. Грдата слика за цел правосуден систем во Македонија е последица на вакви политички извршувања на наредби од јавни обвинители, зашто никој нормален човек не може да најде разбирање за непоставување ниедно прашање кон 5 обвинети дали поседуваат оружје и дали со или без дозвола. Затоа нека стои дека е докажано кривично дело на јавен обвинител во истрага – рече Палевски.

Обвинителката пак, тврди дека е очигледно оти обвинетиот Љупчо Палевски на денешната закажана расправа во поднесеното барање за изземање го искористил моментот да ги изнесе сите свои наводи кои начелно одат во поткрепа на негова одбрана.

-Обвинителството има преземено доволно дејствија. Сите наводи му се неосновани. Доказите се приложени во списите од предметот. Очигледно е дека со презентирањето на видео-записите, се приближуваме кон делот кога јавноста ќе биде запознаена кои дејствија ги презел обвинетиот Љупчо Палевски кој цело време негира дека учествувал во предметните настани. Обвинителството ги има обезбедено сите докази и тие се приложени во листата на докази. Сите дејствија се преземени од страна на обвинителството, рече обвинителката.

Во врска со тврдењата на адвокатот на Палевски „дека сите други обвинети освен тој веќе преговарале со обвинителството“, Крстевска Јосифовска истакна дека ниеден не преговарал со обвинителството.

-Ниту еден бранител не разговарал со Обвинителството надвор од преземањето на службените дејствија во смисла на испитување на обвинетиот со адвокат. Многу е чудно како обвинетиот Љупчо Палевски ги има записниците од осомничените Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски во обвинителството, бидејќи тоа се списи кои се само за обвинителството а не се доставени ниту на увид, ниту примерок на одбраната. Па многу е чудно како дошол до истите и ги презентира во јавноста, додаде обвинителката.

На прашањето на „Слободен печат“ дали ќе се испитува кој од Обвинителството му ги дал, со оглед на тоа што само Обвинителството ги имало овие искази, таа одговори:

-Додека не преземеме конкретни дејствија за конкретно лице не можеме да се произнесеме. Ако имаме докази, секако дека ќе се произнесеме. 

Адвокатот на Палевски Марјан Витановски, смета дека предметот треба да биде под надлежност на друго обвинителство а не на ОЈО Скопје и дека ако се видело дали обвинетиот Боре Видевски имал пиштол, и ако се споредел со испуканата чаура, со тоа постоела можност да се расчисти случајот.

– Палевски смета дека токму сега треба да бараме изземање на обвинителството Скопје,  бидејќи јавниот обвинител ниту административно не проверил дали обвинетиот Боре Видевски има пиштол. При претресот на домот, констатирал само дека нема пронајдени предмети кои би се довеле во корелација со кривичното дело. Имајќи предвид дека обвинетиот поседува таков пиштол, сметаме дека истрагата во еден дел е незаконска. Вештачената чаура, не беше доставена да се изведе како доказ. Сметавме дека ако истиот поседува оружје со дозвола, при добивање на дозволата, тоа би било заведено во системот на МВР. Ако се одземел пиштолот на Боре Видевски, можело да се провери дали чаурата одговара на тој пиштол, рече Витановски,

Според него „сведоците на одбраната 10 пати биле прашани дали Палевски има пиштол“ а ниеден друг обвинет не бил испитуван на овие околности.

-Сметавме дека некои работи на Обвинителството укажуваат на тоа дека се прави обид Палевски да биде врзан со кривичното дело на било кој начин, за што и веќе реков, а според доказите приложени кон обвинението, засега Палевски не може да се поврзе со ова дело, смета Витановски. 

На рочиштето не беше повикан сведокот Гоце Трајковски, кој прибавувал снимки од безбедносните камери и заедно со таткото на Вања водел плодна паралелна истрага која на крајот доведе до тоа полицијата да го поврзе „цитроенот“ со грабнувањето на малолетното девојче.

Трајковски е осомничен за друго кривично дело и минатата недела се предаде на полицијата во полициска станица, но на рочиштето во кривичниот суд денеска не беше повикан.

За убиство и грабнување обвинети се Љупчо Палевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски, а за помагање обвинет е таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Сите се изјаснија за невини иако до самите безживотни тела на жртвите полицијата беше доведена токму од Влатко Кешишев. Вања Ѓорчевска според обдукцијата била убиена на свиреп начин, од влезот на зградата каде живеела била присилно изнесена, со лента на устата и врзана со стеги за рацете и нозете. Дупките во кои биле закопани убиените Ѓорчевска и Жежовски биле однапред ископани.

Мотивот според обвинителството е користољубие, односно да се изнудат пари за откуп од мајката Зорица. Но откуп никогаш не беше побаран, а Вања беше убиена само два часа откако беше грабната.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот