Палењето знаме е примитивизам што треба да се казни

Палењето на знамето на Република Бугарија, што се случи за време на карневалот во Вевчани, донесе демарш од бугарското Министерство за надворешни работи и остра осуда од македонскиот државен врв, од јавноста како и од самите организатори.

Претседателот Стево Пендаровски делото го оцени како недопустливо, а градоначалникот на Вевчани Сашо Јанкоски како несреќен и ирационален чин. Според политиколозите и комуниколозите, палењето на државно знаме е одраз на примитивизам и индивидуален чин на поединец што треба да се казни согласно со закон.

Шефот на државата Пендаровски на својот профил на Фејсбук напиша дека палењето на знамето на Бугарија е недопустливо и за осуда и дека меѓу соседите треба да се гради доверба, разбирање и почитување. Од МНР, пак, потенцираа дека „вековна традиција не смее да биде загрозена преку активности со кои се омаловажуваат или навредуваат народи, држави, особено нашите соседи“. МНР го осуди чинот што го нарушува не само реномето на карневалот туку му нанесува штета на угледот на РС Македонија.

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева претходно објави дека нивниот амбасадор во земјава Ангел Ангелов упатил остра вербална нота до македонското МНР по информациите дека е запалено бугарско знаме на Вевчанскиот карневал.

Градоначалникот на Општина Вевчани Сашо Јанкоски се надева дека овој чин нема да фрли дамка на односите со источниот сосед.

– Општина Вевчани најостро го осудува палењето на знамето на Република Бугарија за време на карневалот во Вевчани. Овој чин не соодветствува со ставот на Општината и најголемиот процент на нејзиното население. Напротив, Вевчани е меѓу првите општини во Македонија збратимена со гратчето Мелник, Општина Сандански, како членови на Асоцијацијата на карневалските градови. Се надеваме дека овој несреќен и ирационален чин нема да фрли дамка на меѓусоседските односи – изјави градоначалникот Јанкоски за „Слободен печат“.

Комуникологот Бојан Кордалов смета дека палењето на знамето мора да се санкционира според законот како чин што го извршил поединец и да не се поистоветува со целата заедница.

– Колку повеќе има говор на омраза во една средина, толку повеќе ќе има и вакви непријатни ситуации и инциденти, а колку повеќе владите градат подобра атмосфера и дијалог со меѓусебно почитување, толку повеќе ќе се нормализираат односите во истата средина. Вакви инциденти имало и од двете страни, и тие се многу непријатни. Важно е да се потенцира дека ги извршиле поединци со име и презиме и така и да се постапи – вели Кордалов за „Слободен печат“.

Политикологот Иво Рангеловиќ смета дека палењето на државни знамиња е општествен проблем, за кој е можно само системско решение.

– Говорот на омраза е рефлексија на примитивизмот, кој пак е историско обележје на овој регион. Палењето на знамето е рецидив од таквата практика и се случувала и порано, на двете страни. Говорот на омраза е општествен проблем, за кој постои само системско решение. Тргнувајќи од домашното воспитување, па сѐ до способноста на една влада која ќе се обиде да се справи со суштинските проблеми на граѓанинот – вели Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.

Полицијата, пак, трага по сторителот, кому му се заканува затвор од една до пет години. Од МВР соопштија дека „настанот е документиран“, ќе се утврди идентитетот на лицето, по што ќе му биде поднесена пријава. Сепак, полицијата не соопштува дали веќе го пронашла и го казнила лицето кое во ноември, лани, исто така, го запали бугарското знаме во Гази Баба.

Палење знаме на друга држава не се случува првпат на Вевчанскиот карневал. Во 2012 година беше запалено грчкото знаме и беше изведен симболичен погреб на Грција со ковчег и некролог, на што грчкото МНР испрати протестна нота до Скопје, во која настанот го оцени како „провокативен“ и „навредлив“, со став дека треба да се преземат мерки за да се избегнат слични инциденти во иднина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот