денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Падна митот дека сите Албанци се за ЕУ

Секој потег на политичарите, биле тие Албанци или Македонци е мотивиран од желбата за освојување на политичка моќ или желбата таа да се сочува. Повикувањето на европските вредности и членство во ЕУ ќе зависи од тоа колку оди во прилог на главната цел: освојување на власта или нејзино сочувување.

Падна митот дека сите албански политичари во Македонија се за ЕУ. Сите албански политичари, како и сите македонски политичари, се за власт. Во телевизиско интервју, еден од водачите на Вреди, Биљал Касами, објаснувајќи ја партиската позиција околу преговорите со ЕУ, ги повтори истите зборови на премиерот Мицковски. Така разбираме дека и Вреди бара гаранции дека внесувањето на Бугарите во уставот е последното барање. Бидејќи такви гаранции нема во меѓународната политика, особено не во сојузи чија смисла на постоење е одбрана на интересите на своите членови, па оттаму и правото на вето. Со оваа политика, Вреди може да помине и цел мандат, чекајќи некој да го однесе бугарскиот претседател на кафе, според зборовите на албанскиот политичар, можното решение и за Македонија. Значи, и за албанскиот коалициски партнер, топката е кај ЕУ, а не е кај нас како што ни велат од сојузот на кој сакаме да му се придружиме. Со ова не сакам да кажам дека ова е нужно лоша политика. Во отсуство на директно американско влијание, поверојатно е дека толку се нашите (македонско-албански) можности, без да произведеме меѓуетнички конфликт.

Со доаѓањето на Доналд Трамп на власт, политичкиот амбиент во светот, па и во Македонија, се промени. Напуштена е стратегијата Америка да го менува светот според сопствениот лик, во прилог на ширењето на либералната демократија, политика која ја вовлече големата нуклеарна сила во серија војни и серија воени порази. Последната интервенција на Америка во македонските работи беше изјавата на нивниот висок дипломат О’ Брајен, од администрацијата на претседателот Бајден, кој се залагаше за примена на „францускиот предлог“, барајќи од ВМРО-ДПМНЕ да го обелоденат својот алтернативен план.

Бенигната интервенција со поучната приказна за половниот автомобил беше далеку од интервенциите на ЦИА во местење на избори, пракса која жестоко ја критикувана ви Америка денес. Значи, оставени сме на себе. Имаме партии, политички институции, избори и целиот арсенал карактеристичен за демократскиот процес. Сега, без директното инволвирање на американската амбасада во дневната политика на Македонија, ќе видиме како функционира автентична македонска политика. Се плашам дека европското влијание врз македонските политичари не е вистинската замена за американското.

Имено, Америка делува(ше) со притисок странската држава да стори нешто што не би го сторила без притисок, додека големите европски сили, како Германија, делуваат со пример. Мислам дека европското влијание е слаба замена за балканските политичари кои, често, „ниту се водат ниту се тераат“.

Доаѓаат нови избори, локални, овој пат. Доаѓа нова битка за власт. Сега знаеме. Секој потег на политичарите, биле тие Албанци или Македонци е мотивиран од желбата за освојување на политичка моќ или желбата таа да се сочува. Повикувањето на европските вредности и членство во ЕУ ќе зависи од тоа колку оди во прилог на главната цел: освојување на власта или нејзино сочувување. Но, партиите мора да се свесни и за новиот политички амбиент: отсуството на американското влијание, за добро или за лошо. Како ќе се снајдат? Тешко.

Либертас

(Авторот е професор и прв министер за надворешни работи)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот