Падна договор за НИС: Рускиот удел е продаден, унгарската компанија МОЛ станува мнозински сопственик
Пакетот од 56,15 отсто, кој досега беше во руска сопственост, е преземен од унгарската компанија МОЛ, при што дел од акциите ќе им припаднат и на партнери од Обединетите Арапски Емирати, а и Србија ќе го зголеми својот удел.
Денеска е продаден рускиот удел во Нафтената индустрија на Србија (НИС) по неколкумесечните американски санкции и интензивните преговори за новата сопственичка структура, со што компанијата доби нов мнозински сопственик, објави „Би-би-си“.
Препорачано
Пакетот од 56,15 отсто, кој досега беше во руска сопственост, е преземен од унгарската компанија МОЛ, при што дел од акциите ќе им припаднат и на партнери од Обединетите Арапски Емирати, а и Србија ќе го зголеми својот удел.
Српската министерка за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, изјави дека МОЛ и рускиот „Газпром“ се договориле за основните елементи на идниот купопродажен договор, кој ќе биде доставен до американската Канцеларија за контрола на странски имот (ОФАК) на одобрување.
Таа додаде дека во договорот се очекува да бидат вклучени и партнери од Обединетите Арапски Емирати, како и дека Србија во текот на преговорите успеала да ја зајакне својата позиција во однос на 2008 година.
– Нашата цел е во иднина да го зголемиме државното сопствеништво во НИС за пет проценти и да достигнеме број на акции што ќе ѝ обезбеди на Србија поголеми права при одлучувањето во Собранието на акционери, пред сè за заштита на интересите на граѓаните – истакна Ѓедовиќ Хандановиќ.


