ПАЦИЕНТИТЕ НА ДИЈАЛИЗА СЕ ЖАЛАТ: Не развозуваат по жешкото низ цел град, а таму се смрзнуваме

Пациентка на дијализа реагира дека за време на летото превозот до центарот за дијализа и назад до нејзиниот дом трае два часа подолго од вообичаено, што е многу проблематично, бидејќи таа и така се наоѓа во тешка здравствена состојба, а од возењето низ градот на жешкото време и е уште полошо.

– Ние сме четири пациенти и не пренесуваат со исто возило. Досега имаше ред, не оставаа еден по еден, но сега еден пациент, наместо во Железара, го оставаме во Волково, поради што се возам два часа подолго. После дијализата крвниот притисок ми е уште понизок, навистина ми е лошо и не можам да го издржам тоа малтретирање – вели пациентката Силвана Костиќ, која веќе 20 години оди на дијализа.

Таа вели дека дијализниот центар „Диамед“ каде ја прави дијализата, а за што плаќа Фондот за здравствено осигурување, треба да обезбеди подобра организација на превозот.

– Ние сме истите четири пациенти што се возиме заедно постојано. Но, ако некој ја менува локацијата каде престојува за време на летото тогаш треба и да му се обезбеди друго возило, не ние другите да бидеме заложници на некој начин – вели Костиќ.

Таа забележува и дека во центарот за дијализа не работи како што треба системот за разладување, поради што додека лежи на столот по 4,5 часа колку што трае процесот на дијализа, се смрзнува.

– Има две просотории, во една се дијализираат пациентите што немаат хепатит, а во другата тие со хепатит. Во едната просторија е многу ладно, за да може да се излади и другата. Лежиме покриени со јакни и кебиња, но главата ми премрзнува – вели пациентката.

Според неа, иако цената што ФЗО ја плаќа за дијализата се зголемува, сепак пациентите не добиваат подобри услови. Долго имало проблем со неудобни столици за дијализа и најпосле дел биле променети. Костиќ вели дека за проблемите со кои се соочуваат пациентите реагирала со преставка до Министерстото за здравство и Народниот правобранител.

Од „Диамед“, пак, велат дека се е во ред со превозот и со системот за ладење, односно нема некаков проблем.

– Го организираме превозот на пациентите при што се внимава на изборот на компанијата, возилото и најкратка релација. Не гледаме проблем во летниот период – велат од „Диамед“.

Во однос на системот за ладење велат дека обезбедуваат услови согласно стандардите и дека температурата на воздухот во просториите е 25 Целзиусови степени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот