Пациент со леукемија: Прв пат после 8 години останав без терапија, веледрогериите играат игри на наш грб

Во страв дека ќе останат без потребната терапија живеат околу 130 пациети кои боледуваат од хронична миелоична леукемија, бидејќи пропаднаа два тендери за купување на потребниот лек. Во понеделникот, според информации на „Слободен печат“, сите пациенти биле вратени од Клиниката за хематологија без да добијат лек. Вчера им била дадена терапија, но само за оваа недела.

– Оваа недела прв пат после 8 години колку што ја примам терапијата останав без лек од кој ми зависи животот. На клиника ми викаат нема лек, никому не дадовме терапија денеска, а сите што дојдоа се без лекови. Вчера ни дадоа таблети за оваа недела. Но што ќе биде во понеделник овој или другиот, ќе има ли лекови, ќе имало нов тендер, но кога тој ќе заврши како ќе се обезбедува лекот до тогаш – вели една пациентка во изјава за „Слободен печат“.

Пациентите кои не се од Скопје, ако остане ситуацијата ваква, ќе мораат секоја недела да доаѓаат по петте таблети.

Од Клиниката за хемалогија, пак, велат дека пациентите не се оставени без терапија, туку дека се купени и донирани некои количини на лекови кои ќе го премостат проблематичниот период.

– Сите пациенти со хронична миелоична лекемија (ХМЛ) имаат доволна количина од потребната терапија. До крајот на оваа недела (петок, 22.11.2019 година) ќе бидат обезбедени дополнителни количини кои ќе ги задоволат потребните месечни количини за сите пациенти заболени од хронична миелоична леукемија. Во моментов, ниту еден пациент не е оставен без потребната терапија. Сите пациенти ја имаат потребната терапија – велат од Хематологија.

На 22.11.2019 година ќе биде отворен нов тендер за набавка на потребната терапија за овие пациенти, со кој ќе се обезбедат однапред потребните количини терапија за оваа група на пациенти за период од 2 години.

Недостигот на лекови се јавил поради пропаѓање на два тендери на кои веледрогериите понудиле премногу висока цена. Како што неофицијално дознаваме, на јавното наддавање двете фирми кои се пријавиле воопшто не наддавале, туку понудиле превисока цена, наместо 60 денари по таблета колку што било на претходните тендери, тие побарале 1.500 денари.

Клиниката за Хематологија поднесе барање за поведување на прекршочна пријава за овие две компании кои учествуваа како понудувачи на последниот тендер за набавка на предметниот лек „Иматиниб“.

„Сметаме дека компаниите ја злоупотребуваат доминантната позиција на пазарот на компаниите и заради здружување за остварување на енормно големи профити на сметка и штета на јавните средства и на пациентите заболени од хронична миелоична леукемија (ХМЛ)“, објаснуваат од Хематологија.

Неофицијалните информации велат и дека за новиот тендер клиниката добила дозвола од Бирото за јавни набавки да оди на договарање во четири очи, за да се спречи тендерот повторно да пропадне.

Лекот Иматиниб, беше ставен на позитивната листа на лекови пред десетина години по многу притисоци од пациентите и медиумите. Цената на лекот на почеток беше многу висока бидејќи го произведуваше само една фармацевтска компанија, се до моментот кога се појавија повеќе производители, по што цената падна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот