Отпадните води нема повеќе да се сливаат во Вардар?!

Отпадните води што се слеваат во Вардар во Скопскиот регион наскоро ќе станат минато. Имено, за тоа потребна е изградба на долго најавуваната, но и повеќе од потребна нова пречистителна станица во Скопје.

За да се реализира проектот, распишан беше тендер на кој сите заинтересирани фирми можеа да се пријават.

Рокот за пријавување заврши на први овој месец, а како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“, дванаесет фирми доставиле апликации за претквалификација на тендерот за проектирање и изградба на постројка за третман на отпадни води – Скопје за Град Скопје.

– До истекот на рокот за поднесување на апликациите, се поднесоа 12 апликации. Сите апликанти што до истекот на крајниот рок поднеле само електронска апликација, се обврзани најдоцна до 14.10.2020 година, до 12 часот по локално време, да ја достават апликацијата и во печатена форма – посочи Линдита Шакири, раководител на Проектна единица за имплементација на проектот ПСОВ – Скопје.

Од ова јавно претпријатие информираат и дека, откако ќе се достават апликациите и во печатена форма, комисијата ќе почне да ги разгледува пристигнатите апликации, по што компаниите што ги исполнуваат техничките квалификации, ќе учествуваат на јавно наддавање.

– Горд сум што испишуваме нова страница во историјата на Скопје. Идејата за самото отпочнување на овој капитален проект, Пречистителна станица за отпадни води – Скопје, за нас претставува мотивација и поттик да продолжиме да работиме со вложување на сите капацитети и ресурси не само за целите на нашето претпријатие, туку и за доброто на сите граѓани, за заштита на животната средина, за подобрување на условите за живот за нас и за идните генерации. Благодарен сум на сите инволвирани страни, како ЕИБ, ЕБОР, Град Скопје, Министерството за животна средина и Владата што ја препознаа вистинската вредност на овој проект и ни ја дадоа својата поддршка за негова реализација – истакна Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Инаку, со изградбата на прочистителна станица за отпадни води, ќе се реши повеќедеценискиот проблем со отпадните води што се слеваат во Вардар и ја загадуваат најголемата река во земјава. Со зголемувањето на бројот на жители во главниот град, но и со изградбата на сѐ поголем број фабрики, овој проблем сѐ повеќе се продлабочува, но со реализацијата на овој проект, конечно ќе се реши.

Со потпишување на договорите помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Европската инвестициона банка и Европската банка за реконструкција и развој се затвори финансиската конструкција за Проектот за изградба на пречистителна станица на Град Скопје.

– Во согласност со одредените фази за имплементација на капиталниот проект ПСОВ – Скопје, во вредност од 136.000.000 евра, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, работи на негова реализација, што е доказ за заложбите за унапредување на условите за живот за сите граѓани како и инвестирањето во висококвалитетна животна средина – додаваат од претпријатието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот