Откуп на тутун/Фото: Скриншот

Линеарната откупна цена за тутунот ги јадоса производителите – сите листови завршуваат во ист кош без разлика на квалитетот

Тутунот се цени во прва класа со цени што одговараат за трета класа, со што се дестимулираат тутунарите, реагираат од Националната земјоделска мрежа заканувајќи се со претставка за дискриминација до Уставниот суд

Прави, криви, дебели, тенки, поткинати или подјадени, годинава сите листови од тутун завршуваат во ист кош и со иста цена. Откупната линеарна цена од 420 денари, без разлика за која класа на тутун станува збор, ги разлути производителите, а доколку не се најде заеднички јазик со откупувачите, реални се шансите работите да завршат на суд.

Тутунарите тврдат дека не може да има иста цена за класите жолто злато, кои се разликуваат според квалитетот. Националната земјоделска мрежа се закани дека ќе поднесе претставка до Уставниот суд со образложение за дискриминација на тутунарите во Законот за тутун по основ нарушено право тутунарите да се договараат за цената на сопствениот производ што апсолутно се коси со уставното право на рамноправност. Од Националната федерација на фармери, пак, велат дека ако остане ваквата цена, најдобро ќе поминат оние што имаат тутун со послаб квалитет.

– Ова не е добра практика, сите во ист кош и линеарно. Вака не се цени трудот на производителите и сè повеќе се одвраќаат луѓето да ја садат една од земјоделските култури по која земјава е позната надалеку – вели за „Слободен печат“ Стеванче Јорданоски, претседател на НФФ.

Само тој што не садел и не берел тутун, не знае каква мака е тоа.

– Во август по полноќ мора да сме на полето, бидејќи жолтото злато се бере до наутро, оти така најдобро ја задржува влажноста. Листовите мора да се берат внимателно за да не се оштетат, бидејќи цената зависи од тоа колку се квалитетни листовите. Овој макотрпен процес бара огромно трпение и прецизност, а во него учествуваат цели семејства, па дури и малите деца – раскажува за нашиот весник една поранешна тутуноберачка.

Од понеделникот (15 декември) почна масовниот откуп на тутунот. Годинава, според сите параметри, се собра тутун со многу висок квалитет, за разлика од соседните земји каде што бербата потфрли, но производителите се јадосани од најавите на откупувачите дека целиот тутун оди само во прва класа по цена од 420 денари, која тие самите ја одредија. Според Националната земјоделска мрежа, откупот само во една класа е закана за квалитетот на произведениот тутун, а тоа ги демотивира тутунарите.

– Откупните компании злоупотребувајќи го дискриминаторскиот Закон за тутун и истовремено прекршувајќи низа законски одредби на највулгарен начин преку манипулација на процена при екстремно ниски откупни цени безобзирно ги манипулираат и ги злоупотребуваат тутунарите дека тутунот се цени и откупува во прва класа. Вистината е сосема поразлична – а тоа е тутунот се цени во прва класа со цени што одговараат за трета класа. Со ваквиот начин на процена се дестимулираат оние тутунари што со многу труд и вложувања реално имаат екстра квалитетен тутун, кој моментално се вреднува во класа на тутун со многу послаб квалитет. Во оваа пригода упатуваме јавна осуда кон откупните компании што со ваков начин на процена и вреднување на тутунот неповратно го уништуваат македонскиот бренд на тутун што е граден макотрпно со децении и штетата ќе биде и по тутунарите, но и по компаниите – стои во реакцијата на НЗМ, што ја објави Пела.мк.

Во меѓувреме откупот е забрзан и за помалку од месец дена е преземена половина од годинашнава реколта, односно 11.370 тони, а производителите бараат државата итно да донесе измени во Законот за тутун и да го заштити нивниот интерес.

-Субвенциите како стимулативна мерка да се во висина од 100 ден по кг. предаден тутун со оглед на висина на средствата кои се слеваат во државниот буџет од оваа стопанска гранка – бараат од НЗМ.

Инаку, Македонија е во врвот според производството на ориентален тутун во светот, а тој најчесто се извезува во: Германија, Франција, Холандија, Швајцарија, Шведска, Шпанија, Јапонија, Полска, Белорусија, Словачка, Чешка, Србија, Египет, САД и во многу други земји. Од тутунопроизводството живеат околу триесетина илјади семејства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот