Откако синот на Данило Коцевски обвини дека сите заборавиле на неговиот татко, Град Скопје со реакција

Огнен Коцевски, син на познатиот критичар, раскажувач, писател и скопски хроничар, Данило Коцески, обвини дека многу брзо и лесно се заборавиле трудот и делата на неговиот татко, најмногу од политичарите и раководството на скопската градска администрација.

Неговата реакција доаѓа по најавените промени од Град Скопје во однос на имињата на повеќе скопски улици.

„Мојот татко, Данило Коцевски, единствениот врвен хроничар на градот Скопје, скопска легенда, боем, кој напиша толку многу за Скопје, кој го даде срцето и душата на Скопје. Градот Скопје по неговата ненадејна смрт на 13 септември, не најде за згодно да му оддаде никаква чест, признание, ниту награда за делото за кое тој го даде целиот свој живот.“, стои во фејсбук-објавата на Огнен Коцевски која предизвика лавина реакции.

Фејсбук-објавата на Огнен Коцевски

Набрзо по објавата, со реакција се јави Град Скопје и оттаму нагласуваат дека името на Данило Коцевски, книжевен критичар, раскажувач, романописец, драматург, поет и хроничар на Скопје, е дел од новата листа на предложени имиња за скопските улици.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека името на Данило Коцевски е едно од имињата предложени во Листа за дополнување на Листата на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на град Скопје, која ќе се најде пред Советот на Град Скопје на наредната седница. Имено, името на Данило Коцевски, книжевен критичар, раскажувач, романописец, драматург, поет и хроничар на Скопје, е дел од новата листа на предложени имиња (страница 46, реден број 250).“, се наведува во реакцијата од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека Градот Скопје отсекогаш го ценел придонесот на Коцевски како хроничар на Скопје, а тоа се гледа во поддршката на повеќе негови проекти во минатото, како и долгогодишната соработка во организирањето на свеченостите по повод 13 Ноември – Денот на ослободување на Скопје. Тој во 2008 година е избран за  член на Одборот за одбележување на 45-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 јули 1963 година, под мотото „Скопје – 45 години град на солидарноста“, додека во 2010 година Коцевски е и именуван за член на Одборот за доделување на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот