Откако ѝ ја одзедоа лиценцата: Две нови „трансформации“ на „Беса транс“, сопственикот без одговор?

беса транс скопје несреќа (1)
Седиштето на Беса транс / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Логото на „Беса транс Скопје 2“ е исто како и на „Беса транс“, само со црвени букви. Покрај патувањата Скопје – Тетово – Скопје, агенцијата на својата страница на Фејсбук рекламира патувања низ Балканот и Европа.

Подоцна ќе ве контактирам, во моментов сум зафатен. Вака одговори сопственикот на туристичката агенција „Беса транс“ Беким Хаџиу, на прашањето на „Слободен печат“ дали се поврзани агенциите „Беса транс Скопје 2“ и „Ројал травел“ со агенцијата „Беса транс“ од Рашче, во чиј автобус пред месец и половина во Бугарија животот го загубија 45 македонски граѓани.

Хаџиу во телефонскиот разговор со тоа ниту ја потврди ниту ја демантираше информацијата до која дојдовме. По повеќечасовно чекање да ни се јави, неколкупати се обидовме да го добиеме неговиот одговор, но Хаџиу веќе не беше достапен.

„Беса транс Скопје 2“ со додавка и со лого во црвена боја

„Беса транс Скопје 2“ е туристичка агенција, која секојдневно организира патувања на релација Скопје – Попова Шапка – Скопје. Она што ни беше сомнително и нè наведе да го прашаме Хаџиу дали постои некаква поврзаност меѓу двете агенции со слично име е тоа што логото на „Беса транс Скопје 2“ е исто како и на агенцијата „Беса транс“, само што е со црвени букви и со додавката „Скопје 2“. Логото на „Беса транс“ е црно. Покрај патувањата Скопје – Тетово – Скопје, „Беса транс Скопје 2“ на својата страница на социјалната мрежа Фејсбук пишува дека организира и патувања низ Балканот и Европа.

„Уживајте во убавините на патувањето со нас. Организираме незаборавни екскурзии, почнувајќи од Балканот, Европа и пошироко, по екстра пристапни цени“, пишува на нивниот оглас на социјалните мрежи.

Последните две објави на оваа страница се од 8 јануари и од 9 јануари, илустрирани со видео од Истанбул, Турција. „Беса транс Скопје 2“ на Фејсбук објавила видеоснимки и од пристигнувањето на нивните автобуси пред хотелите во Истанбул, но таа е од ноември.

На бројот на „Ројал травел“ се појави фотографија на „Беса транс Скопје 2“

При обидот да ја добиеме на мрежата вибер туристичка агенција „Ројал травел“, се појави фотографијата на туристичката агенција „Беса транс Скопје 2“. „Слободен печат“ неколкупати се обиде да стапи во контакт со оваа агенција, но не успеа да разбере како е можно да има две логоа. Како сопственик на „Ројал травел“ се јавува жител на скопското село Рашче, каде што е регистрирана и „Беса транс“. Фирмата е регистрирана на 28 декември минатата година и веќе патува на дестинацијата Скопје – Истанбул. Понуда за тридневен аранжман со две ноќевања во градот на Босфорот чини 89 евра, а автобусот собира патници од Гостивар, Тетово и од Скопје, пред да тргне на пат кон Турција.

Сопствениците на агенцијата „Ројал турс“ за Телма ги отфрлија тврдењата дека имаат каква било поврзаност со агенцијата „Беса транс“ и со сопственикот Беким Хаџиу. Наводите за нивна поврзаност со соселанецот Хаџиу ги нарекоа шпекулација, бидејќи „немаат никаков контакт или соработка со него“. Според нивната изјава, по основањето на агенцијата „Ројал турс“ во декември минатата година, ги купиле комбињата што ги користела агенцијата „Беса транс“ со кои во моментов вршат транспорт на патници.

Министерството за транспорт и врски, по несреќата во Бугарија, ѝ ја одзеде лиценцата за работа на фирмата „Беса транс“.

Обвинителството не соопштува детали во интерес на истрагата

Јавното обвинителство пред Нова година потврди дека е отворена предистражна постапка за работата на правниот субјект „Беса транс“ и постапувањето на другите надлежни органи, во која се испитуваат сите околности.

„Интензивно се преземаат дејства за утврдување на фактите, но со цел да не ѝ се наштети на постапката, во оваа фаза не сме во можност да споделиме повеќе детали“, соопшти Обвинителството.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот