Осум „продавници“ за брзи кредити загубиле лиценца, а многу се казнети

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Лани имаше драстични промени на регулативата, речиси секое четврто финансиско друштво не успеа да се приспособи

Во првата половина од годината, осум од вкупно 35 финансиски друштва ја загубиле дозволата за работа. Во истиот период изречени се четири глоби (прекршочни платни налози) на две финансиски друштва, една мерка – привремена забрана за работа во рок од 15 дена на едно финансиско друштво и 16 наредби со рок за усогласување.
Ова е резултатот од инспекциските контроли што се во надлежност на Министерството.

– Одземените дозволи за работа на осум финансиски друштва се главно поради непочитување на новите одредби од Законот за финансиските друштва донесен во 2023 година. Мерките – Наредби, се главно поради непочитување на законските рокови за доставување соодветни извештаи до Министерството за финансии. Глобите се главно заради непочитување одредби од Законот за финансиските друштва – изјавија од Министерството за финансии за „Слободен печат“.

По низа поплаки од граѓаните, пријави во МВР, но и забелешки од Народниот правобранител, имаше значајни промени во регулативата. Промени имаше и поради наметната потреба од затегнување на условите за основање финансиско друштво.

Од 1 јули 2023 година, не може да се склучи договор за потрошувачки кредит ако трошоците што не влегуваат во годишната стапка на вкупни трошоци надминуваат 60 % од износот на одобрениот кредит, се укинува можноста за земање кредит за затворање претходно достасан кредит во исто финансиско друштво, а се укинува и можноста трговските друштва што поседуваат дозвола или лиценца во согласност со Законот за игрите на среќа и за забавните игри да можат да бидат кредитни посредници на финансиско друштво.

Истовремено, регулативата се зајакна и во однос на тоа кој може да поседува лиценца за финансиско друштво, па основачкиот капитал скокна од 100.000 евра на 500.000 евра.

„Измените на Законот произлегоа од потребата за зајакнување на регулаторните барања и стандарди што треба да ги исполнуваат финансиските друштва, чиј број значително се зголеми, а се зголеми и бројот на корисници на потрошувачки кредити што тие ги издаваат“, соопшти Министерството за финансии при носењето на Измените на законот за финансиски друштва.

Минатата година се донесе и Правилник за заштита на граѓаните од подигање брзи кредити на нивно име од трети лица. Оттогаш финансиски друштво не можат веќе да даваат брз кредит онлајн само со скенирана лична карта. Ова се покажа како злоупотребуван начин, а да биде уште поголема иронијата, како што веќе пишуваше „Слободен печат“, многу често злоупотребите доаѓаа од децата со лични карти од повозрасните родители! Освен ако парите не стигнуваат на сопствена сметка, каде што исто така има протокол за проверка на идентитет, мора да има задолжително физичко присуство, ако барателот не ги прима парите на сметка туку сака да бидат уплатени директно во некоја продавница.

Од Министерството за финансии велат дека тие вршат континуиран вонтеренски надзор над работењето на финансиските друштва, како и теренски надзор во ситуација кога од вонтеренскиот надзор се утврдени одредени неусогласености во работењето на конкретно финансиско друштво (на пример од доставените извештаи, жалби од граѓани и сл.).
Според изјавата за сработеното во истиот приод лани (прво полугодие 2023 година) и тогаш имале полни раце работа: изрекле пет глоби на две финансиски друштва, една привремена забрана за работа во рок од 30 дена, на пет финансиски друштва им е забрането кредитирање преку кредитен посредник, три финансиски друштва добиле писмени опомени и изречени се 4 мерки – Наредби со рок за усогласување.

Од небанкарските друштва граѓаните позајмиле 164,6 милиони евра

 

Според податоците од Народната банка, на крајот од вториот квартал од годинава вкупните средства на финансиските друштва се 192,5 милиони евра, а одобрените кредити се 164,6 милиони евра, покажуваат податоците од Народната банка.
Вкупните средства на финансиските друштва се зголемиле за 17,3 проценти во вториот квартал од годинава во однос на истиот период лани. Кредитите, пак, имале сличен раст од 17,1 проценти на годишна основа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот