Османи за БТВ: Ќе ги советувам бугарските здруженија како да ги остварат правата, и јас сум од заедница што беше дискриминирана во Северна Македонија

Бујар Османи на прес во МНР / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

За да продолжат да постојат бугарските здруженија „Иван Михајлов“ и „Цар Борис“ ќе мора да го сменат своте имиња затоа што овие називи го навредуваат македонскиот народ, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за бугарската телевизија БТВ. Тој најави дека ќе ги повика здруженијата на Бугарите на состанок за да ги советува како да ги остварат своите права, а најави и дека ќе има посебен обвинител за говор на омраза.

Османи беше во Бугарија и заедно со колегата Николај Милков го посетија претепаниот охриѓанец Христијан Пендиков, по што во интервјуто го осуди насилството врз етничка основа и потенцираше дека истрагата е во тек, но за него е важно што Пендиков рекол дека е претепан затоа што се искажал како Бугарин. Османи го информирал Пендиков дека сторителите на насилството врз него ќе одговараат пред законот, а едниот е веќе во притвор.

– Треба да почекаме да заврши истрагата, но за мене е важно што вели самиот Кристијан и мајката, а тоа е затоа изразувањето на неговата етничка припадност. Иако сторителите го велат спротивното, дека претходно имале некакви разлики, за мене е важно што ќе кажат жртвата и неговите родители. И затоа реков денеска дека мора да го прекинеме овој круг на провокации и насилство. Овој маѓепсан круг на меѓусебни провокации кој завршува со насилството е нешто што мора да го запреме. Работиме со бугарската влада на интензивна, позитивна агенда, но очигледно е дека има луѓе од двете страни, на пример, пред неколку дена имавме бугарски политичари во центарот на Скопје кои го негираа постоењето на македонскиот народ, го навредуваа народот во главниот град на државата. И, се разбира, не го ставам тоа во контекст на какво било оправдување, бидејќи насилството не може да биде оправдување за ништо, па ни за говор на омраза. Но, важно е дека мнозинството граѓани во Северна Македонија, а верувам и во Бугарија, владите на двете земји, имаат различна агенда тие сакаат пријателство, сакаат партнерство, сакаат соработка. Има мала група провокатори, луѓе, кои се обидуваат да ја киднапираат оваа агенда, кои постојано се обидуваат да ги испровоцираат двете општества – вели Османи во интервјуто за БТВ.

На прашање дали бугарските клубови ќе мора да ги сменат своите називи, Османи одговори потврдно.

– Бугарската заедница во Северна Македонија е во период на консолидација, прикажување и интеграција во општеството. Со оглед на фактот дека и јас потекнувам од малцинска група, која на почетокот исто така имаше проблеми со нејзиното обединување и интеграција, се чувствувам најсилно повикан да ја советувам бугарската заедница дека овој процес треба да го направиме внимателно, без да предизвикаме негативни чувства кај останатите дека има некаква злоба во какви било иницијативи. Ја охрабруваме бугарската заедница да се обедини во клубови, да отвори повеќе клубови – рече Османи.

Тој објасни дека имињата што се избрани, без разлика како историски и научно се толкуваме нивните улогите на тие личности во историјата, предизвикуваат чувство дека се провокации и тоа е доволно.

Како што кажав за случајот на Христијан, не ми е гајле што вели истрагата. Важно ми е што родителот на Христијан вели дека бил нападнат поради неговата бугарска етничка припадност. А мене ова ми е доволно за денес да дојдам во Софија и да пратам порака. Истото треба да го чувствува и бугарската заедница. Не треба да влегуваме во вистинска научна дебата за улогата на овие историски личности. Ако мнозинството Македонци се чувствуваат навредени од ова, да ја разбереме оваа чувствителност на народот. И верувајте дека тоа е во интерес на бугарската заедница. Ова го велам како некој кој поминал низ слични тешкотии во обединувањето и интеграцијата на заедницата – објасни министерот Османи.

На новинарко инсистирање дека клубовите сепак ќе мора да си сменат имињата за да постојат, Османи објасни:

Така вели законот. Ќе бидам доследен – јас лично имав дилеми околу ретроактивноста на одредени делови од законот. Но, одлуката на Собранието е таква што имињата не треба да се поврзуваат со периоди како што е фашистичкиот период од Втората светска војна, кои ги повредуваат чувствата на граѓаните. И клубовите ќе мора да го направат тоа. По следната недела планирам да ги поканам бугарските здруженија на собир, каде што ќе направиме план како да овозможиме бугарската заедница да ја декларира својата припадност, нејзиниот идентитет и културна припадност, да се интегрира во општеството. Имам искуство, имам волја и државата има волја да и помогне на бугарската заедница да се интегрира – рече министерот.

Новинарот му посочи пример дека дел од бугарската заедница е предмет на агресија и од државните институции, конкретно, дека претседателката на Комисијата за заштита од дискриминацијата Весна Бендевска до пред два месеци на својот профил на Фејсбук имала фотографија од напис од 1944 година со натпис за бугарски фашистички окупатори…

– Не знам дали сте биле таму. Кога ќе влезете во битолскиот клуб, на ѕидот има голем плакат со цитат од говор на Иван Михаилов, во кој тој вели: „…т.н. македонски народ“. Ова ги повредува чувствата на македонскиот народ на ист начин како што оваа објава на Бендевска на Фејсбук ги повредува чувствата на бугарскиот народ. И мислам дека е сосема нормално да се чувствуваш навреден ако навистина имало злоба во овој пост. Целта ми е да го прекинам овој циклус, а не да барам кој прв го започнал. Никој не може да им забрани на Бугарите, на бугарската заедница во Северна Македонија да се дефинираат како Бугари, да се организираат во политички партии, да создаваат клубови, да се интегрираат во системот како Бугари. Верувам дека можеби има дискриминација, не можам да ја отфрлам. Бидејќи јас зборувам од моето искуство – истото го кажаа и пред 20 години – нема дискриминација на другите заедници. Но, имаше. Сега нема бидејќи имаше одреден период на вклучување. Тврдам дека нема систематска дискриминација. Во ниту една институција нема политичка одлука со која на институциите им било наложено да ги дискриминираат Бугарите – рече Османи.

Во врска со говорот на омраза министерот се осврна на билатералниот протокол и механизмите како да се следи говорот на омраза и како да се преземат мерки.

На пример, Министерството за надворешни работи е главната точка која ги следи ставовите поврзани со говорот на омраза и веднаш информира. Имаме дури и прецизен механизам кој кого информира за вакви случаи за да се создаде атмосфера на гонење на таквите дејствија. Има и други чекори што ќе се преземат. Од посебен обвинител за говор на омраза за кој сега разговараме со обвинителството. Народниот правобранител ќе има канцеларија која ќе се фокусира на овие прашања, ќе дава препораки и ќе презема мерки. Во Министерството за односи со заедниците планираме да имаме и претставник од бугарската заедница кој ќе го следи говорот на омраза, бидејќи бугарската заедница е можеби почувствителна на овој проблем. Сето тоа се механизми кои ќе почнат и веќе функционираат за да ги прекинат овие процеси. Но, мора да го погледнеме целиот процес – провокациите од двете страни мора да престанат. Ви велам дека секоја можна дискриминација, секој говор на омраза кон Бугарите во Северна Македонија мора да престане денеска и институциите да преземат мерки да покажат дека нема да се дозволи таков став. Но и вие треба да сакате да го спречите овој тренд на доаѓање бугарски политичари во центарот на Скопје, кои го негираат постоењето на цел народ, идентитетот на граѓаните, затоа што тогаш влегуваме во спорот: Кој прв почна? Ајде да го прекинеме ова денес – порача Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот