Османи во Белград: Помирувањето, градењето доверба и борбата против корупцијата се приторитети на ОБСЕ

Помирувањето, градењето доверба и борбата против корупцијата, заедно со решавањето на безбедносните предизвици од климатските промени низ регионален пристап, се главните приоритети за Западен Балкан на македонското претседавање со ОБСЕ, порача министерот за андворешни работи Бујар Османи на средбата со српскиот прв вицепремиер одговорен за надворешна политика и безбедност и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во Белград.

Според Османи кој во Белград престојуваше во улога на претседавач со ОБСЕ, овие теми се точки на поврзување, заеднички потфати, кои можат и треба да нè обединат сите, ОБСЕ останува посветена на поддршката на реформските процеси во Србија и во регионот.

Изразувајќи искрено сочувство за загубата на невините животи по немилите настани што ја погодија земјата, Османи се фокусираше на актуелните предизвици и можности.

– ОБСЕ денеска се движи низ бурни води. Руската воена агресија против Украина ги урна основните принципи на ОБСЕ. Како Претседателство, работиме на обезбедување на поддршка за функционална и флексибилна Организација, нудејќи разновидни алатки со цел да помогнеме во обновувањето на мирот и безбедноста. Наша цел е да го вратиме дијалогот и да ја промовираме соработката – изјавил Османи.

Тој додаде дека состојбата во моментов бара колективно, одговорно одлучување, повеќе од кога било, како и задолжително зголемување на напорите за ефективен мултилатерализам, со цел воспоставување на мир и соработка. Османи, како што соопшти МНР, исто така изразил почит кон Мисијата на ОБСЕ во Србија, која обезбедува поддршка на државата во градење силни, независни, одговорни и ефикасни демократски институции.

– Показателите за нашата успешна соработка, меѓу другото, зборуваат за зајакнување на доброто владеење, борбата против корупцијата и поволни услови за работа на медиумите. Ги поддржуваме напорите за поттикнување на помирување во регионот, иницијативите на граѓанското општество, поврзувањето на младите и зацврстување на улогата на жените. Недискриминацијата, меѓусебното разбирање и партиципативната демократија ќе придонесат за поголема регионалната стабилност и безбедност – нагласил Османи.

Според него, дијалогот и конструктивната соработка треба да бидат императив. Притоа, тој изразил силна поддршка од ОБСЕ за дијалогот Белград-Приштина, посредуван од ЕУ, а во тој контекст упатил на важноста на состанокот што се одржа во Охрид со што дополнително се отвори патот за нормализирање на односите.

Османи најавил дека посетата на Србија ќе ја продолжи во духот на мотото на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ „За луѓето се работи“ и ќе има средби со претставници на граѓанскиот сектор, како и посета на теренската канцеларија на ОБСЕ во Бујановац, каде што ќе се сретне со млади луѓе од различни заедници за да ја нагласи клучната улога на младите во трансформацијата на општеството и градењето стабилна, инклузивна и просперитетна иднина за регионот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот