Османи со странските дипломати: Препознатливи сме по дијалог и постигнување компромиси за билатерални прашања

Спроведувањето на европското досие, македонската улога во НАТО и односот кон руската агресија врз Украина, како и приоритетите во рамките на претседавањето на Македонија со ОБСЕ се темите за кои странските амбасадори во земјава покажале најголем интерес на денешната средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

На брифингот во Владата, како што соопштија од МНР, Османи ја претставил работата на Министерството и најзначајните активности во надворешната политика во изминатата година, се осврнал на претстојните активности на дипломатијата во 2023 година, со посебен акцент на актуелностите во однос на нашето ЕУ досие, претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, претседавањето со САД -Јадранската повелба (А5), во делот на имплементацијата на политиките на НАТО во регионот, како претседавањето и со ПСЈИЕ – Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

– Почетокот на пристапните преговори за членство во Европската Унија по 17 години кандидатски статус и забрзување на процесот на ЕУ-реформите, меѓу другото и преку скринингот што веќе се одвива; потоа лансирањето на Стратешкиот дијалог со САД, како надградба на Стратешкото партнерство од 2008 година; потпишувањето на договорот за Фронтекс, кој долги години беше заглавен поради несогласувањето за употребата на македонскиот јазик; потоа членството на Северна Македонија во Унијата за Медитеранот, како една од поголемите мултилатерални организации за соработка на Европа со земјите од Медитеранот; но и активен придонес и доследното спроведување на преземените обврски како НАТО членка; сѐ се тоа бројните значајни постигнувања што ќе бидат забележани во надворешната политика на земјава во 2022 година, кажал Османи во воведното обраќање пред дипломатите.

Тој, исто така ја истакнал и посебноста на земјава и нејзиниот придонес во меѓународните односи како земја препознатлива по нејзината автентична култура на дијалог и способност за постигнување компромиси за билатерални прашања.

– Преку многу работа, преку упорност и инсистирањето на политиката на компромис ја нагласивме европската надеж за целиот регион и уверен сум дека нашиот пример може да се искористи како пример и за останатите земји во надминување на преостанатите отворени прашања на Балканот. Ние сме подготвени на ова да работиме, секако во соработка со нашите меѓународни партнери и пријатели, нагласил Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот