Османи: Граѓаните што се во странство треба да се обратат до МНР за да се вратат дома по 12 февруари

Патна исправа, пасош/ Фото: ЕПА

Граѓаните кои се надвор од државата, а кои имаат пасош со Република Македонија, треба да бидат во комуникација со Министерството за надворешни работи за да добијат насоки како по 12 февруари ќе може да се вратат во земјата. Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека граѓаните треба да бидат во комуникација со дипломатско-конзуларните претставништва.

„Во Министерството за надворешни работи има отворено 24-часовна телефонска линија и дежурна екипа во Министерството ги прифаќа тие повици. Нека се јават, ние ќе ги упатиме, ќе им кажеме што треба да направат за да можат да се вратат. Такви повици веќе има, но очекуваме да се зголемат како што се приближува рокот“, рече Османи во вечерашното гостување во емисијата „10 минути“ на ТВ 21.

Тој потврди дека од 12 февруари патните документи со старото име нема да важат и, како што рече, Грција ги има информирано сите држави, дека тој пасош е неважечки.

Османи потсети и дека пред неколку дена бил искритикуван затоа што, како што рече, бев брутално искрен пред граѓаните. Реков, додаде тој, да не ги лажеме граѓаните бидејќи Преспанскиот договор не може да се смени. Лидерот на опозицијата, како што рече Османи, велеше дека ќе достави претставка до Уставниот суд, за потоа да дојдат до тоа што јас го кажав дека треба да се реорганизираме за да им помогнеме на граѓаните.

„Ние веќе се реорганизираме во МНР. Имавме комуникација со сите дипломатско-конзуларни претставнишатва, праќаме луѓе на испомош, се организираме на двосменско работење за да им излеземе во пресрет на тие што ќе имаат потреба да се вратат во државата и да бараат патен лист“, додаде Османи.

Наместо да даваме лажна надеж оти ќе го смениме Преспанскиот договор, да го забрзаме издавањето пасоши до 12 февруари, вели Османи. Тој кажа дека е задоволен што новиот премиер, на првата владина седница, веднаш формирал работна група за да се изнаоѓаат решенија.

„Неколку сценарија се развија. Од можноста државата да компензира за тие кои имаат важечки пасош, а заради договорот треба да ги сменат, до можноста за реорганизирање на службите. Денеска имаше прв состанок на таа работна група. Засега е на ниво на сценарија, но се разгледа и опцијата за рефундација. Ова беше на првата седница на Владата, на барање на премиерот Џафери и ние сега како работна група од министри треба да му реферираме на премиерот за нашите предлози како сметаме дека може да им се излезе во пресрет на граѓаните“, додаде Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот