Османи: Без паника, засилени се капацитетите за пасоши и патни листови во амбасадите

Прес конференција на министерот Бујар Османи/Фото: МИА

Министерството за надворешни работи се мобилизира за да им излезе во пресрет на сите граѓани кои по 12 февруари ќе се затекнат во странство, а кои немаат пасош со новото име на државата информираше денекса на брифинг министерот за надворешни работи Бујар Османи. Ќе се испратат дополнителен број на дипломати кои ќе издаваат патни листови во конзуларните претставништва, но и на аеродромите, и ќе се испратат и дополнителен број на мобилни станици за печатење на патни исправи во државите каде има најмногу барања, а тоа се Германија, Швајцарија и Италија. Граѓаните во странство сега имаат две опции, да седат каде што се и во тамошните амбасади да извадат нови пасоши, а ако мораат да се вратат во Македонија, претходно задолжително да извадат патен лист.

Според министерот Османи, нема место за паника и сите ќе бидат услужени, иако се јавила паника кај нашите кои се на привремена работа во странство дека ќе ја изгубат визата или дозволата за престој и работа. Тој вели дека најголем број на барања има во Бон, Берлин, Минхен, Рим, Венеција, Берн, Чикаго итн и дека секојдневно во дворовите на амбасадите во овие градови ред за нов пасош чекаат по околу 300 луѓе. Османи ги советува дека е подобро да извадат пасоши во амбасадите во земјите каде што се, наместо да доаѓаат во Македонија со цел тука да извадат пасош. Министерот вели дека за тоа ќе им треба закажан термин, а ги потсетува и дека овде не е можно пасошот да се извади за неколку дена во брза постапка заради големиот наплив на барања.

Османи вели и дека е можно некои држави да покажат флексибилност и после 12 февруари да ги пропуштаат граѓаните да ги минуваат границите и со старите пасоши, затоа што Преспанскиот договор со Грција е билатерален договор и не ги обврзува другите земји. Исто така, рече и дека МНР сега нема обврска да ги извести сите држави во светот дека поле 12 февруари не важат старите документи за меѓународна употреба, но дека Грција веќе на сите им испратила такво писмо. Македонија, потсети Османи, државите ги извести веднаш после потпишувањето на Преспанскиот договор во 2019 година, а сега нема таква обврска.

– Ние работиме како да ќе нема никаква флексибилност од ниедна земја во светот, затоа што и според Преспанскиот договор, но и според нашите закони за патни исправи и за безбедност во сообраќајот пасошите и возачките дозволи важат до 12 февруари. Очекуваме дека за итни ситуации, како на пример за лекување и други хуманитарни причини државите ќе покажат разбирање, ама ние мора да сме подготвени дека на 12 февруари на полноќ никаде низ светот нема да можат да се движат граѓаните со стари пасоши. Рокот за лични карти не е сменет, Законот за лична карта од други причини остана неусогласен со Собранието, па тие по сила на закон се валидни и по 12 февруари. Ако го гледаме Преспанкиот договор, личните карти не би можеле да се користат во надворешна употреба, но сепак, државите од соседството каде може да се патува со лични карти самите ќе одлучат дали ќе ги прифатат или не, затоа што тие се валидни докумети – рече Османи.

За проблемот со пасошите Османи рече дека вчера имал онлајн состанок со сите 60 дипломатски-кнзуларни претставништва со кои ги разгледувале предизвиците според бројот на пристигнати барања за обнова на пасошите.

– Наплив на барања има во сите три ДКП во Германија, во Берлин, Бон и Минхен, како и во Швајцарија и Италија, а во другите земји има по пет, десет до 20 барања за пасоши. Да повторам дека тие што ќе се затекнат со стари пасоши ќе може да се вратат со патни листови кои ќе се издаваат во ДКП и на аеродромите во овие три земји со најголем наплив. Во градовите каде нема ДКП, а има наши граѓани, ќе организираме калднендар на конзулати и во одредени денови дипломатите ќе одат во тие градови и ќе ги услужуваат. ДКП навреме ќе информираат преку социјални мрежи и на сите други можни начини каде и како може да се извадат патни листопви. На пример во Африка имаме само едно ДКП во Каиро и за овој континент барањата ќе се испраќаат по е-конзулат, а ќе се добиваат по пошта. Оние на брод исто така може да испратат барање за патен лист преку е-конзулат, а во комуникација со најблиското ДКП ќе се договорат во кое пристаниште или на друго место ќе го подигнат – рече Османи.

Османи информираше дека во Бон добиле 8.300 апликации, а досега се издадени околу 6.000 пасоши.

Министерот Османи ја повтори и дилемата дали по 12 февруари ќе важат сообраќајните дзоволи.

– Според законот за безбедност во сообраѓајот по 12 февруари се инвалидизирани возачките дозволи и возачките книшки, а сообраќајните дозволи не беа споменати во законските измени. Но, тоа е документ што се користи надвор од државата, сообраќајната дозвола се покажува на граница, на документот има име на државата, па ги потсетувам граѓаните дека според духот на Преспанскиот договор и сообраќајните дозволи треба да бидат сменет до 12 февруари како документи за надворешна употреба – рече Османи.

Државата ќе ни ги врати парите за документите?

Премиерот Талат Џафери формирал работна група што треба да реши дали државата да им ги врати парите на граѓаните кои мораа да вадат нови докумети иако старите уште важат, заради наметната обврска од Преспанскит договор, според кој докуметите за надворешна употреба важат до 12 февруари 2024 година.

– Премиерот Џафери за ова ќе ве информира во вторник после владината седница. Има работна група што веќе работи по неговите насоки. Владата ќе донесе одлука и ќе бидете известени – рече министерот за надворешни работи Бујар Османи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот