Куќарките на влезот од Скопска чаршија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Куќарките на влезот од Скопска чаршија - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ФОТО | Ослободеното шеталиште на влезот во Чаршија е повторно окупирано од тезги

Дрвените објекти се поставени буквално на истата локација каде што Општината и Градот ја направија акцијата за расчистување на „дивите“ тезги, веднаш под скалилата од плоштадот „Скендербег“, до кои се стигнува единствено преку просторот што е блокиран од куќарките.

Инспекторите на Општина Центар заедно со колегите од Град Скопје пред помалку од две недели ги отстранија нелегалните тезги што го узурпираа влезот на Скопската чаршија од страната на плоштадот „Филип Втори“, но акцијата донесе кратко решавање на проблемот, ако се има предвид дека уште од минатата седмица на истата локација никнаа пет дрвени куќарки, кои повторно го стеснија шеталиштето.

Куќарките на влезот од Скопска чаршија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Куќарките на влезот од Скопска чаршија – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Шеталиштето ни две недели не „здивна“ од дивите тезги

Пред две недели, за време на продолжениот викенд по повод празникот Велигден, во текот на вечерта беа отстранети тезгите и импровизираните продажни објекти на влезот во Чаршијата, од страната на Камениот мост.

Од Општина Центар тогаш потврдија дека продажните објекти со години биле поставени и работеле незаконски, а нивните сопственици немале никаков договор со Општината, што било причина за нивното отстранување во акција што ја спровеле заедно со службите на Градот Скопје.

– Екипи на Општина Центар заедно со Градот Скопје вчеравечер заеднички, во согласност со Меморандумот за меѓуопштинска соработка, ги отстранија импровизираните објекти на влезот на Старата скопска чаршија. Тоа беа објекти што немаа никаков договор со Општина Центар и беа бесправно изградени – изјавија од Општината за „Слободен печат“ по акцијата и отстранувањето на тезгите.

Исто како и претходните штандови што со години, ако не и со децении, работеа непречено и го узурпираа и го стеснуваа шеталиштето кон Чаршијата и каде што се продаваа разни сувенири, магнети и традиционална облека, така и петте нови куќарки се поставени на истата локација и ги нудат истите услуги и сувенири што се достапни за минувачите.

Куќарките на влезот од Скопска чаршија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Куќарките на влезот од Скопска чаршија – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Градот не дозволил поставување на објектите

„Слободен печат“ испрати прашања до Градот дали тие ги поставиле објектите и издале дозволи за нивно користење, земајќи предвид дека овие куќарки се многу слични со оние „градските“, кои низ годината се поставуваат на плоштадот „Македонија“, но оттаму ни одговорија дека откако ги информиравме за новото узурпирање на патеката во Скопската чаршија, инспектори излегле на терен, направиле увид и утврдиле дека овие куќарки не се на Град Скопје и дека се поставени на „диво“.

– Во врска со вашите прашања за новопоставените дрвени куќарки на влезот во Скопската чаршија од страната на плоштадот „Филип Втори“, ве известуваме дека инспекторите на Град Скопје излегоа на терен и констатираа дека на посочената локација се поставени нови тезги. Според извршениот увид, Град Скопје нема издадено дозвола за поставување урбана опрема на оваа локација – одговорија од Градот за „Слободен печат“.

Искршени плочки и дупки по улицата, срамна глетка на влезот во Старата скопска чаршија

Оттаму додадоа дека за понатамошни дејствија и евентуално отстранување на овие објекти, ќе ја известат Општина Центар, која е надлежна да постапи.

– За понатамошно постапување ќе биде известена Општина Центар, која е надлежна институција и треба да постапи во согласност со своите ингеренции, за новонастанатата состојба – брифираат од Град Скопје.

„Слободен печат“ отиде на терен, каде што забележа дека куќарките се поставени буквално на истите локации што Општината и Градот ги расчистија од „дивите“ тезги, веднаш под тешко пристапните скалила од плоштадот „Скендербег“, до кои се стигнува единствено преку просторот што е блокиран од куќарките.

Куќарките на влезот од Скопска чаршија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Куќарките на влезот од Скопска чаршија – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Штандовите се необележани и без никакви ознаки, тие си работат непречено и како ништо да не е променето освен просториите за продажба и изгледот на продажниот објект, а пред сите пет дрвени куќарки се поставени чадори и се извадени различни сувенири, облека, чанти, магнети и други предмети атрактивни за туристите.

Ниту Општината не дозволила нова узурпација

Откако дознавме дека од Градот ќе ја делегираат обврската на Општина Центар како надлежна да постапи, ние ја контактиравме локалната самоуправа, но дознавме дека тие не се запознаени со новонастанатиот повторен проблем на влезот од Скопската чаршија.

Оттаму нè информираа дека исто како и Град Скопје, ни Општината не издала одобрение за поставување на овие дрвени куќарки, па допрва ќе утврдуваат дали Градот дозволил на оваа локација повторно да бидат поставени објекти или, пак, овие куќарки се нелегални.

– Градот Скопје преку Секторот за урбанизам е надлежен за издавање одобренија за користење урбана опрема, а контролата ја вршат преку Инспекторатот на град Скопје со своите комунални инспектори. Општина Центар нема издадено никакви одобренија за нивно поставување – велат од Општината за „Слободен печат“.

Куќарките на влезот од Скопска чаршија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Куќарките на влезот од Скопска чаршија – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Доколку се „диви“, Општината најави отстранување на куќарките

Од локалната самоуправа истакнаа дека доколку се утврди дека куќарките се поставени на „диво“ и немаат одобрение од Градот, објектите ќе биде отстранети од општинските и градските служби.

– Доколку се утврди дека не поседуваат никаква документација, тие ќе бидат отстранети во координација со Градот Скопје – изјавија од локалната самоуправа.

Со оглед на тоа дека и Градот и Општина Центар веќе одговорија дека не издале одобрение за да се постават петте дрвени куќарки среде шеталиштето во Чаршијата, а воедно не ни беа запознаени со овој проблем, тоа значи дека објектите се поставени и работат на „диво“. Доколку не прашавме зошто на „исчистениот“ простор повторно има куќарки, веројатно тие ќе продолжеа непречено и незабележливо уште долго да работат, невидливи за локалните власти.

Бидејќи од Општината информираа дека ќе проверат дали Градот издал одобрение, веќе знаеме дека одговорот е не, што значи дека службите од двете институции набрзо треба да излезат на терен и повторно да ги отстранат новите нелегални услужни објекти што неодамна го „опседнаа“ шеталиштето на Скопската чаршија.

Куќарките на влезот од Скопска чаршија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Куќарките на влезот од Скопска чаршија – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот