Осаменоста го оптоварува имунолошкиот систем исто како и хроничниот стрес

Фото: Pexels/cottonbro studio

Научниците ја поврзуваат осаменоста со голем број дисфункционални имунолошки реакции, што нè наведува до заклучок дека осаменоста е потенцијално опасна по здравјето.

Науката открила дека луѓето кои се поосамени имаат поголема веројатност да развијат херпес, предизвикан од локална вирусна инфекција. Исто така, тие произведуваат повеќе протеини поврзани со воспаленија, како одговор на акутен стрес. Ова е помалку изразено кај луѓето кои имаат повеќе социјални интеракции во секојдневието.

Споменатите протеини предупредуваат за воспаленија, а хроничните воспаленија се поврзано со бројни заболувања, како што се коронарната срцева болест, дијабетесот тип 2, артритисот и Алцхајмеровата болест. Реактивирањето на латентниот вирус на херпес е поврзано со стресот, кој ни кажува дека осаменоста функционира како хроничен стрес што ја активира слабата реакција на имунолошкиот систем.

„Неквалитетните односи се поврзани со голем број здравствени проблеми, вклучувајќи предвремена смртност и многу други форми на многу сериозни здравствени проблеми. А, луѓето кои се осамени сигурно се чувствуваат како да се во лоши односи“, вели Лиза Јаремка, постдокторски соработник на Институтот за истражување и бихејвиорална медицина на Универзитетот во Охајо и главен автор на студијата.

Фото: Pexels/Luis Fernandes

„Колку повеќе знаеме за самиот процес, толку е поголема веројатноста дека ќе најдеме начини да се бориме со овие негативни ефекти, а можеби дури и да ги спречиме. Ако не ги знаеме физиолошките процеси, тогаш како да ги промениме?“, прашува Јаремка.

Резултатите се засноваат на серија студии спроведени на две популации: првата била група здрави, иако дебели, средовечни возрасни лица, а втората биле група возрасни жени, кои преживеале од рак на дојка. Истражувачите ја користеле скалата за осаменост на Калифорнискиот универзитет, прашалник кој ги проценува перцепциите за социјална изолација и осаменост, во сите студии за да го измерат степенот на осаменост.

Јаремка го претстави истражувањето на годишниот состанок на Друштвото за социјална психологија во Њу Орлеанс.

Истражувачите првенствено се обиделе да добијат слика од однесувањето на имунолошкиот систем, поврзано со осаменоста, со мерење на количината на антитела во крвта што се создаваат кога се активира вирусот на херпес. Учесниците биле лица кои завршиле со лекување, во периодот од два месеци до три години, пред почетокот на истражувањето. Учествувале 200 луѓе, со просечна возраст од 51 година. Нивната крв била анализирана за присуство на антитела против вирусот Епштајн-Бар и цитомегаловирус (двата вируса предизвикуваат мононуклеоза).

Фото: Pexels/Engin Akyurt

И двата вируси се херпесни вируси, кои ги инфицираат повеќето Американци. Околу половина од инфекциите не се развиваат во болест, но штом некое лице ќе се зарази, вирусот останува неактивен во телото и може повторно да се активира – предизвикувајќи покачени нивоа на антитела или титри на антитела. Повторно, често не покажува никакви симптоми, но укажува на проблеми со регулацијата во клетките на имунолошкиот систем.

„Поосамените учесници имаа повисоки нивоа на антитела против цитомегаловирус од помалку осамените учесници, а тоа покачено ниво на антитела беше поврзано со симптоми на болка, депресија и замор. Не е забележана разлика во нивото на антитела против вирусот Епштајн-Бар, веројатно затоа што реактивирањето на овој вирус е поврзано со возраста, а многу од учесниците беа на постара возраст“, објаснува Јаремка.

Претходните истражувања покажале дека стресот може повторно да ги активира овие вируси, што резултира и со зголемен титар на антитела.

„Истите процеси, кои се вклучени во стресот и реактивирањето на овие вируси, веројатно се вклучени и во осаменоста. Осаменоста се смета за хроничен стрес на многу начини – тоа е социјално болна состојба која може да трае доста долго“, вели авторката на студијата.

Фото: Pexels/Pixabay

Во дополнителна серија студии, научниците се обиделе да откријат како осаменоста влијае на производството на проинфламаторни протеини, циткоини како одговор на стресот. Овие студии биле спроведени на две популации: првата група ја сочинувале 144 жени од претходната група кои преживеале рак на дојка, а втората група се состоела од 134 дебели, средовечни и постари лица, без поголеми здравствени проблеми.

Биле земени основни примероци на крв од сите учесници изложени на стрес. Имено, тие морале да импровизираат петминутен говор и ментално да пресметаат аритметичка задача пред камера и тричлено жири. Истражувачите потоа стимулирале одговор на имунолошкиот систем, користејќи липополисахарид – соединение кое се наоѓа во клеточниот ѕид на бактериите, за кои е познато дека го активираат имунолошкиот систем.

И во двете групи, индивидуите кои биле поосамени произвеле значително повисоки нивоа на цитокини како одговор на акутен стрес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот