Орбан го запали Тексас за „битка на цивилизациите“

Виктор Орбан/ Фото EPA-EFE/Vivien Cher Benko / Hungarian PM's Press Office /

Говорејќи на Конференцијата за конзервативна политичка акција (КПАК), Орбан повика на мобилизирање на „христијанските националисти“ за одбрана на нивните вредности од „налетот на прогресивните сили“

Повикот на унгарскиот премиер Виктор Орбан за обединување на конзервативците од Европа и Америка за глобална „битка на цивилизациите“ со овации беше пречекан во Тексас.

Говорејќи на Конференцијата за конзервативна политичка акција (КПАК), Орбан повика на мобилизирање на „христијанските националисти“ за одбрана на нивните вредности од „налетот на прогресивните сили“. Орбан говореше против нелегалните имигранти, против истополовите бракови, „левичарските медиуми“ и „глобалистите“, издвојувајќи ги поранешниот американски претседател Барак Обама и својата „омилена цел“ – милијардерот со унгарско потекло Џорџ Сорос, кои од публиката биле „наградени“ со свирежи. Орбан порача дека Сорос води „армија“ од пари, невладини организации, универзитети и европски бирократи во Брисел против „христијанските вредности“.

– Ужасите од нацистите и од комунистите се случија бидејќи некои западни земји во континентална Европа ги напуштија христијанските вредности, а денешните прогресивци го планираат истото. Тие сакаат да ги напуштиме западните вредности и да создадеме нов свет, постзападен свет. Кој ќе ги запре, ако не ние? – порача Орбан.

Унгарскиот премиер ги нападна „американските демократи“, обвинувајќи ги дека настојуваат да ги поделат конзервативците од двете страни на Атлантикот. Тој ја спореди својата земја со Тексас, истакнувајќи дека „Унгарија е Осамената Ѕвезда на Европа“, како „единствената земја што со ѕид го спречила бранот илегални мигранти“ и како „нација со големината на Давид што стои исправена пред глобалниот Голијат“. Себеси, пак, се претстави како „старомоден борец за слобода“, „единствениот антиимигрантски политички лидер на континентот“ и „лидерот на земјата што е под секојдневна опсада на прогресивните либерали“.

– Не сме омилени меѓу американските демократи. Тие не сакаа да бидам вечерва тука и ги вложија сите сили да забијат клин меѓу нас. Тие ме мразат и ме клеветат и мене и мојата земја исто како што ве клеветат вас и Америка за која стоите. Сите знаеме како работи тоа. Прогресивните либерали не сакаа да бидам тука, бидејќи знаеја што ќе ви кажам, бидејќи јас сум тука да ви кажам дека треба да ги обединиме нашите сили, бидејќи ние Унгарците знаеме како да ги поразиме на политичкото бојно поле непријателите на слободата – порача Орбан.

Тој, всушност, лобираше за својот пријател Доналд Трамп, чиј гостин беше во вторникот во неговиот голф-клуб во Бедминстер во Њу Џерси. Орбан му изрази поддршка на Трамп за очекуваната кандидатура за претседателските избори во 2024 година.

– Мораме да ги вратиме назад институциите во Вашингтон и во Брисел. Мораме да го координираме движењето на нашите трупи, бидејќи сме соочени со истиот предизвик. Имате две години да се подготвите – порача Орбан.

Тој во Далас се воздржа од остри изјави, како неодамнешната во Романија дека „Унгарците не сакаат да станат народ со мешани раси“. Поради тој испад дури и неговата долгогодишна блиска советничка Жужа Хегедуш поднесе оставка, а реториката на премиерот ја нарече „чисто расистичка“.

Орбан прексиноќа се обиде да се оправда истакнувајќи: „Христијански политичар не може да биде расист“, а оние што го обвинуваат за расизам и антисемитизам ги нарече „обични идиоти“.

– Можам да ги замислам утрешните наслови: „Екстремен десничарски расист од Европа, антисемитски моќник, Тројански коњ на Путин, одржа говор на конференција на конзервативци“. Но, не сакам да им давам идеи, тие знаат најдобро како да пишуваат лажни вести – изјави Орбан.

Овациите за Орбан во Тексас беа најгласни кога тој го цитираше делото од Уставот на Унгарија во кој бракот е дефиниран како заедница на маж и на жена.

– Значи помалку машки госпоѓи, а повеќе Чак Норис. Да сумираме. Мајката е жена, таткото е маж. Оставете ги нашите деца на мир. Точка. Крај на дискусиите! – истакна Орбан.

Меѓу говорниците на КПАК во Далас се и политичкиот провокатор Стив Бенон, републиканските екстремисти Мат Геци Мерџори Тејлор Грин, заговорникот на теории Мајк Линдел, а завршното обраќање за денеска е резервирано за Доналд Трамп.

Продемократските аналитичари потсетуваат дека унгарските власти на чело со Орбан се речиси постојано под притисок од европските институции поради засилувањето на влијанието на владата врз судскиот систем и врз медиумите. Американскиот демократски стратег Антхуан Сирајт изјави за „Гардијан“ дека е загрижен и од средбата на Орбан со Трамп и од обраќањето на Конференцијата на конзервативците.

– Како американски граѓанин, загрижен сум од мотивите и агендата на средбата на Орбан со Трамп, особено бидејќи сите добро ги знаеме тонот, позицијата и политиката на Трамп, како и неговите директни постапки во врска со упадот врз Конгресот лани на 6 јануари. Загрижен сум и поради толпата на КПАК, од можноста да прерасне во мнозинство групата луѓе во Републиканската партија приврзана на екстремистичкото крило „МАГА“ и која упорно ги отфрла резултатите од минатите избори – изјави Сирајт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот