Арбен Фетаи Фото: Фејсбук

Опозицијата се изначека да дојде вицепремиерот Фетаи

Барам да обезбедите присуството на вицепремиерот Арбен Фетаи кој е должен според своите работни обврски да е присутен на седницата. Ве молам запрете ми го времето додека не го обезбедите Фетаи. Ве молам да го почекаме да влезе во собраниската сала заменикот-претседател на Владата за добро владеење – побара пратеничката на СДСМ, Даниела Николова.

Јавноста ниту денеска не разбра каде е вицепремиерот Арбен Фетаи кој најмалку два месеци не доаѓа на работа во Владата, ниту пак, како што тој самиот изјави, не се гледа повеќе како дел од кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски. Иако пратеничката на СДСМ Даниела Николова на седницата за опозициски пратенички прашања побара потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски да обезбеди присуство на Фетаи, не доби одговор дали вицепремиерот зема плата и кој е интересот на државата од неговите прошетки по ексклузивни дестинации.

Милошоски рече дека нема известување дали Фетаи ќе присуствува на седницата и пратеничката ако сака може прашањето да го постави писмено.

– Барам да обезбедите присуството на вицепремиерот Арбен Фетаи кој е должен според своите работни обврски да е присутен на седницата. Ве молам запрете ми го времето додека не го обезбедите Фетаи. Ве молам да го почекаме да влезе во собраниската сала заменикот-претседател на Владата за добро владеење– побара Николова.

Даниела Николовс Фото: Драган Митрески/Слободен печат

Милошоски кој претседаваше со седницата за пратенички прашања рече дека сите министри се поканети и дека министерката за образование Весна Јаневска го потврдила своето отсуство, додека вицепремиерот Фетаи не испратил известување дали ќе учествува на седницата.

– Ваше право е дали до вицепремиерот ќе поставите писмено прашање – рече Милошоски.

Николова рече дека и денес Фетаи не е на своето работно место и дека не е во Собранието да одговори пред пратеници и пред јавноста.

– Еден функционер кому работна задача му е одговорност и добро владеење самиот стана симбол на неодговорност, на непочитување на пратениците, на непочитување на граѓаните и на државата. Работник ако не се појави на работното место ќе добие отказ. Административец ако не оди на работа ќе го изгуби работното место, на наставник ќе му биде одбиено од плата и ќе треба да ги надомести часовите ако не дојде на работа, но на вицепремиер кога не оди на работа изгледа сѐ му е дозволено. Платата, привилегиите, патувањата и фотографии на социјалните мрежи си течат, а одговорност нема. Граѓаните секојдневно слушаат од Владата и од премиерот за одговорност, реформи и за добро владеење. За кого важи ова правило, за обичните луѓе, а за функционерите важат поинакви правила. Тоа не е непочитување само кон пратениците, туку и кон граѓаните од кои вицепремиерот Фетаи зема плата – рече Николова.

Таа праша колку време Фетаи не оди на работа, кој ги покрива трошоци додека тој се промовира на социјални мрежи од егзотични дестинации. Николова уште рече дека Владата многу повеќе зборува за одговорност отколку што ја практикува.

-Ако премиерот вели – кој не работи ќе си оди дома, тогаш тоа нека го спроведе со Фетаи. Фетаи писмено да ми одговори колку дена во последните шест месеци бил присутен на работа? Дали е етички да зема плата, а да не доаѓа на работа? Што е интересот на Македонија кога сте решиле да заминете на патување во Тајланд?

Оливер Спасовски Фото: Принтскрин

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски процедурално се обрати и рече дека имале пратеничко прашање за Фетаи, кое било најавено и дека тој треба да присуствува на седницата.

– Заменик-премиерот во Владата, Арбен Фетаи, не е присутен и нема информација зошто не е присутен. Нема оставка на Фетаи од функцијата и нема барање од премиерот Мицкоски за разрешување на Фетаи од функцијата. Ги одбивте сите наши предлози за парична помош за ученици и за други оти како што велите, нема пари, а вицепремиерот може да троши пари во Тајланд. Не прифаќаме некој да се шета по светот со народни пари, да не доаѓа на работа, премиерот да го толерира и да не го разрешува. Ова е крајно ниско однесување за еден вицепремиер – рече Спасовски.

Фетаи се одјавил од Владата, може да се „пријави“ од Брисел

Премиерот Мицкоски минатиот месец изјави дека вицепремиерот Арбен Фетаи му рекол дека не се гледа повеќе во Владата откако претходно министерот за здравство Азир Алиу информира дека тој веќе еден месец не доаѓа на работа. Според премиерот, Фетаи сака да ја продолжи кариерата во европските институции во Брисел, каде што веќе има искуство, а Мицкоски додаде дека неговите контакти можат да се искористат преку евентуален ангажман како специјален пратеник.

Од Владата наместо одговор кога ќе биде разрешен Фетаи, пред еден месец ни одговорија дека Владата функционира непречено и во полн капацитет.

– Во врска со вашето прашање ве информираме дека – да, точно е дека премиерот кажа во иднина Фетаи не се гледа во составот на оваа Влада. Како колективно тело, Владата функционира непречено и во полн капацитет. А што се однесува на прашањата што се однесуваат на работниот ангажман, ве упатуваме директно да ги адресирате до Арбен Фетаи – велат од Владата.

Ниту Фетаи досега не одговори дали зема плата откако се одјави од Владата. Тој неодамна објави фотографија за која наведува дека е направена во Бангкок, во далечниот Тајланд.

Арбен Фетаи, главниот за „добро владеење“ во владата, се јави од Тајланд откако цел месец не се појавил на владина седница

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот