OJO побара максимална казна за Груевски и минимална за Камчев во „Плацови на Водно“

Камчев и Груевски се обвинети во случајот Плацови на Водно/Фото: архива на Слободен печат

Изминатите девет месеци беа изведени голем број докази и беа сослушани многу сведоци. Доказите ја потврдија фактичката состојба од обвинителниот акт против обвинетите во случајот „Плацови на Водно“, рече во завршниот збор обвинителката во случајот Лиле Стефановска.

– Никола Груевски во 2012 година си купил недвижен имот на Водно. Оваа фактичка состојба судот лесно ќе ја утврди од доказите и исказите на сведоците. Груевски си формирал фирма и искористил негови блиски за да купи земјиште на Водно и бил известуван за се што се случува во фирмата „Сирак инжињеринг” преку која го контролирал купувањето на имотот. Обвинетиот Сашо Мијалков му помагал на Груевски да се купи земјиштето само да не биде јавно изложен поранешниот премиер. Од каде најде Груевски над 1,3 милиони евра за да ги плати сумите за земјиштето кога се докажа дека тој заштедил само 100.000 евра. Тој присвоил партиски пари за да го купи земјиштето на Водно- рече обвинителката Стефанова.

Таа додаде дека другите обвинети во овој процес точно и јасно кажале се што било опишано во обвинителниот акт.

– Груевски има два стана кои се една целина со два други станови кои гласат на неговата мајка. Тој има и други станови кои се купувале на други имиња за да не се дознае дека се негови – рече Стефанова.

Таа од судот побара да се конфискуваат становите кои се во сопственост на Груевски.

Обвинетиот Никола Груевски ја користел својата позиција и функција за да го сокрие својот имот и барам тој строго да биде казнет нагласи обвинителката.

Експремиерот кој е првообвинет и за кого обвинителството тврди дека е вистинскиот сопственик на имотот и го прикрива, Стефанова побара максимални казни за кривичните дела перење пари и за прекривање на имот.

– При одлучувањето на видот и висината на казната за Груевски, за кој сметам дека во целост се утврдија кривичните дела кои му се ставаат на товар, судот да има предвид дека обвинетиот цело време како премиер и претседател на политичка партија ја користел својата позиција да се скрие неговиот имот и тоа го правеше до крај, до завршувањето на оваа постапка. Сметам дека треба, со оглед дека е во бегство, да му бидат изречени највисоките казни предвидени во законот – рече обвинителката.

За неговиот братучед и поранешен шеф на УБК, Сашо Мијалков, Стефанова побара повисока казна, во рамки на онаа што е предвидена во закон.

– Обвинетиот Сашо Мијалков негираше дека презел какво било дејствие на извршување на кривично дело, тврдеше дека сведоците Александар Ивановски и Мето Стојчевски не ја зборуваат вистината, но од сите собрани докази очигледно е дека тој ги презел дејствијата на извршување кои му се ставаат на товар и го сторил кривичното дело перење пари, бидејќи знаел дека имотот се купува за Никола Груевски, дека парите се од кривично дело, а сепак ги презел дејствијата на извршување почнувајќи од 2012 завршувајќи до 2020 година – нагласи Стефанова.

За Ристо Новачевски, кој бил поставен за управител на фирмата „Сирах Инженеринг“, која е фирма-ќерка на офшор компанијата „Сирах Лимитед“, обвинителката рече дека е единствениот обвинет кој во јавното обвинителство од самиот старт го опишал начинот, ги признал дејствијата на извршување и уште во самата истрага придонел во откривањето на дејствијата и сторителите на кривичните дела.

Во случајот на обвинителна клупа седеше и мајката на Камчев, Ратка Куновска-Камчева. За неа обвинителката го повлече обвинението, бидејќи по прецизирањето на обвинителниот акт, како што рече, ги има предвид одредбите за застареност на нејзиното кривично дело.

Во случајот „Плацови на Водно” обвинети се Никола Груевски, Сашо Мијалков, Орце Камчев, Ратка Куновска Камчева, Ненад Јосифовиќ и Ристо Новачески. Тие се товарат за “Перење пари” и „Противзаконско стекнување на имот“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот