Одржана 33. сесија на Клубот на истражувачите

На 26 јуни 2019 година во Народната банка се одржа 33. сесија на Клубот на истражувачите, на која по поздравното обраќање на вицегувернерката Ана Митреска беа презентирани истражувачките трудови „Меѓусебното дејство на условната (најниско прифатливата) плата и траењето на невработеноста: Емпириски докази од Македонија” од Тереза Кочовска и „Промена на локацијата, урбанизација и продуктивност на фирмите: испитување на ефектите од промените во урбаното окружување врз продуктивноста на фирмите”, од Филип Јолевски.

Во првиот презентиран труд, Кочовска ги проценува детерминантите на најниско прифатливата плата кај младите во нашата земја, со акцент на поврзаноста со времетраењето на невработеноста. Податоците коишто таа ги користи произлегуваат од Анкетата за премин од училиште до работа за 2012 и 2014 година, при што е опфатена популацијата на возраст од 15 до 29 години.

Резултатите до коишто доаѓа Кочовска покажуваат дека зголемувањето на времетраењето на невработеноста ја намалува најниско прифатливата плата кај младата популација. Воедно, младите кои живеат во семејства коишто се приматели на дознаки имаат помало времетраење на невработеноста и пониски најниски прифатливи плати, од оние коишто не примаат дознаки, истакна таа во презентацијата.

Според заклучоците на Кочовска, зголемувањето на возраста го зголемува времетраењето на невработеноста и на најниско прифатливата плата кај нас. Од друга страна, добрата финансиска состојба го зголемува времетраењето на невработеноста. Во рамки на презентацијата на трудот беше нагласено дека анкетираните лица кои се на постдипломски студии имаат пониско траење на невработеноста во споредба со оние кои имаат пониско образование.

За овој труд, неодамна, Тереза Кочовска ја доби и Годишната награда на Народната банка за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2019 година.

Во вториот труд презентиран на сесијата, Филип Јолевски поаѓа од премисата дека локацијата, односно позиционирањето на фирмите во урбаните средини е во корист на нивната продуктивност. Притоа, авторот применува различни методи за да процени колку од користите коишто ги имаат фирмите во такви случаи се резултат на прелевање на позитивните ефекти од урбаните средини или се резултат на т.н. „селекција на фирми”.

Користејќи ги податоците од анкетите на фирми спроведени од Светската банка, тој анализира како влијае промената на локацијата на фирмата врз продуктивноста измерена во Коб-Дагласова функција. Јолевски доаѓа до заклучок дека кај производствените фирми коишто се лоцирани во релативно погусто населени области има намалување на продуктивноста, коешто е релативно мало и е неочекуван резултат, а ваквата негативно оценета врска отвора простор за понатамошни истражувања.

На крајот на сесијата, поттикнати од изнесените видувања и заклучоци, присутните дискутираа за повеќе прашања поврзани со темите на двата презентирани труда.

Следната сесија на Клубот на истражувачите ќе се одржи во септември годинава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот