ВИДЕО | Одблиску и лично со Зоран Спасов Ѕоф: Сите мои книги се оддолжување кон некого
За себе вели дека е автор, а не писател, иако има напишано неколку книги што се апсолутен хит во Македонија. Зоран Спасов Ѕоф пред сè е филантроп, алхемичар, кој сè што допре – претвора во злато. Сликите ги прави како да се живи, зборовите ги склопува во бесмртни приказни, а кон луѓето се однесува со наклон и со почит. Сосема нетипично за некој во дваесет и првиот век…
Ѕоф го познавам одвај неколку месеци. Со години му се восхитувам следејќи го неговото дело. Нè врзаа неколку негови книги: „Тито, мојот претпоследен херој“, „Торонто експрес“, „Цепај сине“, а посебно „Џабе живиш во Скопје“, едно од најубавите дела посветени на нашиот град.
Препорачано
Со нетрпение ја чекав „Сирма“ за да имаме можност повторно да разговараме.
Романот „И јас сум Сирма“ ја продолжува соработката на Ѕоф со „Арс Ламина“, најголемата македонска издавачка куќа. Излезена е во нивната едиција „Попули“, што асоцира дека како и претходните негови дела, ќе ја има висока популарност.
Во овој нетипичен роман, Зоран Спасов, преоблечен во ликот на славната Сирма Војвода, патува низ времето, обидувајќи се низ разни историски приказни да разбере кои сме, од каде сме, кој правец треба да го фатиме. Нешто како Uber Makedonische, само не во музиката, туку во литературата.
Сликовитоста, која е вистинската мајсторија на Ѕоф во неговите дела, без дилема насочува дека од ова треба да се направи театарска претстава и да се сними филм. Не за нас, за идните поколенија…
Сè што на Ѕоф му тежеше на душата, сите чемери и јадови, ги има кај Сирма. Сирма е книга за Македонија…
– Сите мои книги се оддолжување кон некого. Тоа мојот порив, како пишувам и за што ќе пишувам. Долго време траеше во мене таа внатрешна борба со идентитети, кој како се чувствува, „антички Македонец“, „авноец“, „асномец“… Јас дадов едно мое видување, од мои лични убедувања и долгогодишни истражувања. Затоа, на крајот од книгата има еден код, кој ве носи до веб-страницата „И јас сум Сирма. МК“, за проверка на факти. Факти што не му се познати на Македонецот. Ќе се зачудат читателите како јас некои луѓе, кои се антихерои, ги носам на пиедестал, како големи Македонци, а имам и некои „величини“ кои малку ги имам поткастрено. Еден нов леер на херои, бидејќи ова е држава, ова е народ кому му недостигаат херои – вели Ѕоф.

Од тие причини Спасов, една жена, еден ајдук, ја сместува во својата приказна. И така Сирма патува низ времето, живеејќи ги своите 1500 години. Од Карпатите и Словените, до длабоко во нашиот век…
Ликот на Сирма, Ѕоф го има инспирирано одамна, затоа ја смета за олицетворение на непокор, рамо до рамо со една Роза Луксембург, Клара Цеткин, или Милунка Савиќ, хероина од српската историја. Сирма е трагичен лик, со трагична судбина, како што е трагична судбината на Македонија. Штулиќ би кажал: Балканска рапсодија!
И пред официјално да биде промовиран романот „И јас сум Сирма“, веќе се предлага таа да оживее и во театарот, а и на филм. Има и предлози за Сирма да влезе во школите, како задолжително четиво преку лектира.
– Не е мое јас да судам и да кажувам, меѓутоа, на овој начин ја доближувам историјата. Секој има своја перцепција за историјата. Се покажало дека историја не е егзактна наука. И сега, некој ја гледа вака, некој онака. Дадов јас едно мое видување, поткрепено на доста факти. Креирав ликови што никој не ги чул, што се огромни херои за оваа држава. И, реално тој првиот дел, историскиот дел, едноставно секој мора да го прочита. Кој сè придонел овој народ да постои и да имаме своја држава – заклучува Спасов.
Ѕоф е разочаран што како нација ние сè помалку читаме, особено помладите. За да се врати пишаниот збор, според Спасов, треба да се вратат полесни теми, почитливи приказни. Забавна и интересна литература. Тој што последно ја прочитал „Зоки Поки“, не може веднаш да оди на Достоевски…
И за крај на интервјуто, какви се очекувањата за Сирма?
– Пак ќе бидам нескромен. Сакам Сирма да биде најчитаната книга во Македонија за оваа година. Целиот приход од продажба на моите книги оди во хуманитарни цели. И јас како автор, и „Арс Ламина“ како издавач. В четврток сабајле (14 ноември), на денот на промоцијата, ние предаваме за употреба на Детската клиника една посебна игротека, направена со средства од „Цепај сине“. Игротека за сите деца што се хоспитализирани таму. Јас не сакам да се експонирам, но го кажувам ова за да го следат и другите мојот пример – ни кажа Ѕоф на крајот од разговорот.
Целото интервју со Зоран Спасов Ѕоф можете да го погледнете во продолжение:


