Од утре свадби и во затворен простор, епидемиолошката состојба со ковид-19 стабилна

epa08381688 Just married couple with their best friends walk through the garden of closed restaurant and look for a place for their the first wedding photo session in the empty Old Bazaar in Skopje, Republic of North Macedonia, 24 April 2020. The Macedonian government has implemented strict measures to slow down the spread of the Covid-19 disease caused by the SARS-CoV-2 coronavirus in the West Balkan nation. Due to the lockdown of the country, small business owners face the catastrophic economic consequences of the Coronavirus pandemic. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во услови на стабилна епидемиолошка состојба и со 221 активен случај на ковид-19, Владата вчера донесе одлука да се дозволи организирање на свадби и во затворен простор со максимум 250 лица.

– На предлог на Министерството за економија Владата донесе одлука од 1 јули 2021 година свадби да се организираат и во затворен простор со максимум 250 лица, но не повеќе од 40 отсто од капацитетот на просторот, напиша на неговиот фејсбук-профил министерот за економија Крешник Бектеши.

Од 1 јуни е дозволено организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 проценти од капацитетот на просторот и до максимум шест лица на маса со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу лицата.

Оваа одлука, меѓутоа, не се однесува на затворените простори на дискотеките, кабареата и клубовите за кои и натаму не е дозволена работа и посета на гости.

Во исто време, Министерството за здравство соопшти дека на националниот систем „Мој термин” е воведена можност за издавање сертификат за прележан Ковид-19. Сертификатот им се издава на сите лица кои во последните девет месеци биле позитивни на Ковид-19 и се регистрирани како позитивни случаи во Националниот систем.

– Сертификатот може да се преземе кај матичниот лекар или со најава на страницата vakcinacija.mk. Сертификатот е на македонски и англиски јазик, содржи податоци за лицето (име и презиме, ЕМБГ, ЕЗБО, датум на раѓање, пол) тип на тест, датум на тестирање, датум на позитивен резултат, здравствена установа (лабораторија) каде што е направено тестирањето, како и QR-код. Сертификатот е заверен со дигитален печат на Министерството за здравство, информира Министерството.

Прва доза вакцина против ковид-19 вчера примиле 10 940 граѓани, а вкупно се вакцинирале 13 628 граѓани. На вакциналните пунктови во државата заклучно со 28 јуни се вакцинирани вкупно 310 384 граѓани, вкупно се аплицирани 529 445 дози вакцини, а ревакцинирани се 219 061 граѓани.

Според Министерството за здравство, со последните бројки 52 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, како и 49 отсто од оние над 65 години и 42 проценти од граѓаните над 60 години.

– Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 466.451 граѓани. Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација, велат од Министерството и апелираат граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи, нагласуваат, тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.

Од вчера почна дистрибуцијата на вакцините на „Синовак“ во сите центри за имунизација и масовна вакцинација во земјата. Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека со ова се создадени услови за динамика на давање прва доза на вакцина на 10 до 15 илјади граѓани на ден, како и дека од 15 или 20 јули е предвидено да започне и теренска вакцинација.

Во периодот од 24 часа меѓу понеделникот и вчера од направени 2.887 тестирања се регистрирани шест нови случаи на ковид-19, оздравени се 10 пациенти и нема починати лица. Вкупната бројка на дијагностицирани е 155 682 лица, соопшти Министерството за здравство.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата, до вчера изнесува 155 682, бројката на оздравени пациенти е 149 977, на починати е 5484, а бројот на активни случаи изнесува 221.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот