Од соперник до пријател? Путин во прегратка на „варваринот“ кого некогаш сакаше да го уништи
Рускиот претседател Владимир Путин за време на средбата со новиот претседател на Сирија, Ахмед ал-Шара, во Кремљ изјави дека Русија е подготвена да помогне во обновата на Сирија и да ја прошири економската соработка со земјата по речиси 15 години војна, соопшти прес-службата на Кремљ.
Препорачано
Путин тврдеше дека од договорот од 1944 година со кој се воспоставија дипломатски врски меѓу Москва и Дамаск, „никогаш немало темни поглавја“ во односите. Тој рече дека билатералните врски сега „активно се развиваат“, со заеднички проекти планирани во индустријата, здравството и спортот.
Тој додаде дека руските „економски оператори, вклучително и оние во градежниот сектор“, се подготвени да помогнат во повоената обнова на Сирија.
Сепак, „Москва тајмс“ забележа дека ал-Шара претходно бил познат како ал-Џолани, долгогодишен лидер на исламистичката милитантна група Хајат Тахрир ал-Шам, порано позната како Џабхат ал-Нусра – подружница на Ал Каеда.
Во 2016 година, руското Министерство за надворешни работи ја нарече групата и нејзиниот водач „варвари“ и вети дека ќе ги „уништи“.
Министерството во тоа време издаде соопштение во кое се вели дека Хајат Тахрир ал-Шам „останува нелегална терористичка организација чија единствена цел е да воспостави таканаречен исламски калифат со брутални и варварски средства. Доследната борба против овие варвари ќе продолжи, со поддршка на меѓународната заедница, до нивно целосно уништување“.
Русија официјално ја прогласи групата за терористичка организација и ја забрани во 2020 година.
Режимот на Асад се распаѓа
На 28 ноември 2024 година, сириските опозициски сили започнаа голема офанзива, брзо освојувајќи град по град. Режимот на Башар ал-Асад се распадна за неколку дена. Асад избега од Дамаск во Русија преку ноќ на 8 декември.

Ројтерс објави на 13 декември дека Асад ги криел своите планови за бегство од помошници, службеници, па дури и членови на семејството. Само неколку часа пред да се качи на авион за Москва, тој се сретна со околу 30 високи воени и безбедносни претставници во Министерството за одбрана.
Според извештајот, Асад им рекол дека руската воена помош е на пат и ги повикал да „држат линија“. Потоа му рекол на својот началник на кабинетот да си оди дома, но наместо тоа отишол директно на аеродромот.
Ахмед ал-Шара стана вршител на должноста претседател на Сирија откако Асад избега. Во април 2025 година, тој рече дека Русија одбила да го екстрадира Асад на новите власти во Дамаск. Во септември, сириското Министерство за правда издаде налог за апсење на Асад во отсуство.
Ал-Шара ја посети Москва во октомври 2025 година за да се сретне со Путин. Двајцата наводно разговарале за можното враќање на руските воени бази во Сирија.


