Од шегите на Ким Јонг Ил до рецепти за ладни тестенини: Најчитаните книги во Северна Кореја

Книга со Ким Џонг Ун во Северна Кореја /Фото: SOPA Images Limited / Alamy / Alamy / Profimedia

Пропагандата преовладува во книжарницата за странски јазици во Пјонгјанг, но некои дела откриваат интересни факти за земјата

Кога патуваме во странство, книжарниците со странски книги ретко се некоја сериозна атракција. Но, постојат нации, како Северна Кореја, каде изборот на книги е толку строг, што буквално може да се читаат само дела за поранешни севернокорејски водачи, пишува севернокорејскиот медиум „НК Њуз“.

Најпродавани книги во оваа земја се оние пишувани за Ким Ил Сунг и Ким Јонг Ил, поранешните севернокорејски лидери, а таквите можат да се најдат во секој хотел или туристички локалитет. Оние кои се љубители или сакаат да дознаат повеќе за севернокорејската литература, најдобрите книги можат да ги најдат на едно место, а тоа е Книжарницата за книги со странски јазици во Пјонгјанг.

Во оваа книжарница може да се најде поголем избор на книги за Северна Кореја, на неколку јазици, вклучувајќи англиски,кинески, руски, германски, шпански, француски и јапонски. Сите вакви книги претходно се проверени од тамошните власти. Покрај книгите, оваа книжарница има голем избор на весници, магазини, ЦД и ДВД содржини.

Книжарницата е на аголот на улицата Сунгри и улицата Сомун во Пјонгјанг, на неколку минути од централниот плоштад Ким Ил Сунг. Сместена е во долниот спрат на зграда која ја дизајнирале архитекти од Бугарија и Унгарија, кои биле донесени да помогнат во обновата на градот по Корејската војна, раскажува „НК Њуз“.

Книжарница Северна Кореја/ Фото STR / AFP / Profimedia

Што читаат Севернокорејците?

Официјалните државни медиуми и пропагандата ги сочинуваат најголемиот дел од текстовите достапни во книжарницата за странски јазици во Пјонгјанг. Но, постојат неколку навистина корисни книги, вклучувајќи ги оние за туристите, како за учење на јазикот, атракциите, животните, архитектурата и кујната на Северна Кореја.

Водичите за патување вклучуваат претежно предвидливи маршрути како што се посета на статуите на лидерот Ким на ридот Мансу, но и некои не толку вообичаени активности за странските туристи, како севернокорејско набљудување на птици. Книгите за готвење не се разликуваат од водичите за корејска храна на другите места низ светот, но вклучуваат рецепт за наенгмјеон – препознатливото јадење со ладни тестенини на Пјонгјанг.

Книга во Северна Кореја со поранешниот лидер/ Фото: Jung Yeon-je / AFP / Profimedia

Мнозинството посетители на книжарницата бараат публикации одобрени од државата кои му се припишуваат на сегашниот лидер Ким Џонг Ун или на неговиот татко и дедо. Да се ​​каже дека има широк избор на овие книги би било потценување, пишува „НК Њуз“.

Комплетните дела на Ким Ил Сунг се состојат од 100 публикации и го опфаќаат целиот негов живот и секој аспект од неговата политичка идеологија. Иако се импресивно претставени, тие не се лесни за читање и се многу наменети за академици или можеби најтврдокорните верници.

Ким Јонг Ил, според севернокорејските државни медиуми, бил и страстен писател, а тој официјално објавил околу 900 дела помеѓу 1964 и 1994 година.

Најпознато дело му е „Ким Јонг Ил за кинематската уметност“ – фасцинантен поглед на тоа како Северна Кореја се обидува да снима филм на „социјалистички“ начин за да и помогне на револуцијата.

Една од најпродаваните дела на Ким Јонг Ил е и „Големиот комичар“, збирка од шеги кои ги раскажувал поранешниот севернокорејски лидер во неговиот живот.

Иако изборот не е најсјајен, доколку некогаш имате прилика да заминете во Северна Кореја, може да прочитате за историјата на оваа земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот