ОД КОЛЕКЦИЈАТА на Националната галерија: Соблечени, женскиот акт како контекст

Во објектот Чифте амам на Националната галерија е поставена изложбата „Соблечени, женскиот акт како контекст“. Со оглед на случувањата поврзани со потенцијалното ширење на коронавирусот и мерките на претпазливост кои ги препорача Министерството за здравство, свеченото отворање на изложбата, најавено за 10 март, е откажано, а изложбата може да се посети индивидуално во рамки на работното време на галеријата.

Националната галерија веќе трета година се придружува кон одбележувањето на Меѓународниот ден на жената, 8 Март, со уметнички концепт каде што се велича жената како автор или како неисцрпен мотив. Таков е и проектот „Соблечени: женскиот акт како контекст“ креиран од колекцијата на оваа национална установа.

Изложбата „Соблечени, женскиот акт како контекст“ вклучува женски актови изработени од автори од поранешниот југословенски простор – од колекцијата од поранешните југословенски републики, како и дела од македонската колекција. Претставени се актови или полуактови од авторите: Влахо Буковац, Петар Палавичини, Фрањо Кршиниќ, Тома Росандиќ и други, како и македонските Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодороски, Борка Аврамовска, Спасе Куноски, Боро Митриќески, Иван Велков итн., сè до дела со концептуален дискурс од помлади автори, како Ирена Паскали и Атанас Ботев.

– Како институција од областа на музејско-галериската дејност, први а можеби и единствени, пласиравме концепт во насока на одбележување на Меѓународниот ден на жената. Годинава ја вклучивме колекцијата на Националната галерија, со што нудиме видливост и афирмација, како на делата така и на авторите до пошироката публика – истакнува д-р Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија.

Актот, а пред сè женскиот акт, отсекогаш бил една од доминантните теми во уметноста, како инспирација, како форма, како концепт и уметничка мистика. И во дваесеттиот, а и во првите две декади на 21 век, оваа тема е сè уште непресушна инспирација за уметниците. Со развојот на новите технологии, со усложнувањето на критичката мисла, во процесот на „губење“ на границите на дисциплините, се следат разновидни стилови, уметнички пристапи, дискурзивни разгледувања, проблемски групирања, родови интерсекции, нови дисциплини, мултимедијалност итн., но тематот акт не изумира, објаснува кураторката Ана Франговска.

Сава Шумановиќ, Амам (1926)

Целта на изложбата е да се стави акцент на жената и на женската убавина, но не само од естетски аспект, туку одново да се преиспита нејзината позиција во современото општество, нејзината злоупотреба во капиталистичкиот консумеризам, нејзината слобода на движење и однесување, како и на одбирање да биде тоа што е, било домаќинка, мајка, кариеристка, феминистка, заводничка, придружничка, припадничка на ЛГБТ-заедницата итн. Поставката на изложбата не теоретизира, не кластира, не сондира, туку едноставно ги прави достапни овие дела за тие самите да го едуцираат, наоструваат и софистицираат вкусот на гледачот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 21, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 7-8 март 2020 година)

Видео на денот