Сашо Мијалков
Сашо Мијалков / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Обвинителството бара Мијалков повторно да оди во притвор

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека поднело предлог на обвинетиот Сашо Мијалков повторно да му биде определена мерка притвор, откако тој со одлука на Апелациониот суд, беше пуштен од притворот.

„По денешната одлука на Апелацискиот суд Скопје со која беше прифатена жалбата на Сашо Мијалков и е преиначено решението за притвор, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Предлог за определување на мерката притвор за Сашо Мијалков, обвинет за помагање при кривично дело ,,Перење пари и други приноси од казниво дело,, од чл.273 ст.1 в.в. чл.24 од Кривичниот законик во предметот познат во јавноста како „Плацевите на Водно”“, се вели во соопштението од Обвинителството.

Како што објаснуваат оттаму, обвинителот цени дека и покрај дадената гаранција и определените мерки за обезбедување, сѐ уште постои опасност од бегство и во таа насока го достави предлогот за притвор.​

Апелацискиот суд во Скопје денеска ја прифати гаранцијата од 11 106 501 евро, со што поранешниот директор на УБК ќе излезе од притвор откако ќе биде приложена финансиската гаранција со која мерката притвор се преиначува во мерки за претпазливост, односно одземање на пасошот и обврска да се јавува во суд.

Гаранцијата од над 11 милиони евра се состои и во недвижен и во подвижен имот, а Мијалков треба да излезе од притвор кога ќе завршат административните процедури со ставање под хипотека на имотот што е понуден како гаранција дека нема да избега.

Оваа мерка притвор на Мијалков му беше изречена во врска со предметот „Трезор”, каде е неправосилно осуден на осум години затвор.

Тој има првостепена пресуда и во случајот „Таргет – Тврдина” со која е осуден на 12 години затвор, а обвинет е и во случаите „Плацови на Водно” и „Титаник 2″, а осомничен е и во предметот „Империја”. Во „Тортура”, пак, доби ослободителна пресуда.

Сашо Мијалков се наоѓа во затворот во Шуто Оризари од 26 февруари годинава, откако претходно неколку дена беше во куќен притвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот