НПФ: Товарот секогаш паѓа врз пливачите кога институциите на државата не си ги исполнуваат обврските

фото: Национална пливачка федерација

После долг и исцрпувачки период на раскол и поделеност помеѓу клубовите, конечно сите клубови членки на Национална пливачка федерација (НПФ) најпрво седнаа на една маса, одржаа редовно Собрание кое помина во најдобар можен ред и во конструктивна атмосфера, со доста емоции за кои се верува дека се произлезени од љубовта кон спортот, а потоа и се натпреваруваа на едно заедничко првенство како што доликува.

Заслугата секако може да се препише на работата и отвореноста актуелното раководство на федерацијата, но и на добрата волја на сите клубови да партиципираат во работата за доброто на пливачите, спортот и сите кои се вклучени околу него.

фото: Национална пливачка федерација

На собранието беа донесени доста важни одлуки, повеќето со консензус, некои со надгласување или промени на лице место, но најважно е што беа усвоени и предлози од сите заинтересирани страни. Собранието како највисоко тело донесе и ад-хок одлуки за некои прашања за кои нормално и не се дискутира на собрание, но со тоа се покажа добрата волја на сите инволвирани да се продолжи понатаму со работа во позитивна атмосфера.

Многу важно за НПФ е што се реафирмира иницијативата за возобновување на ватерполо спортот во Македонија. Формиран е нов одбор за ватерполо кој самостојно ќе работи најпрво на уредување и организирање на правилата по кои ќе функционира ватерполо спортот во Македонија. Реактивирано е членството на два постари ватерполо клубови Младост и Локомотива.

На ред се ентузијастите од ватерполо одборот да го завршат формалниот дел од работата и да ја достават потребната документација.

фото: salaboristrajkovski.gov.mk

– Кога институциите на државата не си ги исполнуваат своите обврски, товарот секогаш паѓа врз граѓаните, односно во случајов – пливачите. Во ваква ситуација веќе долги години се наоѓа НПФ и за жал на сите повици на НПФ Институцијата задолжена за спорт АМС не комуницира и нема волја да го реши проблемот, односно избегнува да ги изврши работите за кои е задолжена со закон и со Устав – да се грижи за спортот. Во вакви услови со енормно зголемени трошоци, одржано е Летното национално првенство за младинци и сениори на олимпискиот базен во Скопје. Можеби имаше и некои пропусти од технички аспект, сепак имаме испливани одлични резултати и неколку рекорди – објавуваат од НПФ.

Федерацијата искажува искрена благодарност до сите ентузијасти, спортисти, спортски работници, а особено родители, вистински вљубеници во пливањето кои доброволно одвоија дел од своето време и способност да помогнат во што е можно подобра организација на натпреварот.

фото: Национална пливачка федерација

– За жал постојат и такви луѓе во и околу пливањето кои се подготвени само да стојат од страна, со ништо да не придонесат за подобра организација, а во исто време се први кои ќе го критикуваат и омаловажуваат трудот на останатите. Тренерите треба да бидат максимално посветени на работата со пливачите, нема потреба дополнително да им се отежнува работата со тоа што ќе треба да работат и со родителите, поточно на нивното однесување во и надвор од базенот. Децата најдобро се воспитуваат со личен пример – стои во објавата на НПФ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот