Фото: Приватна архива

Новогодишно интервју со Калиопи: Во 2025 година сакам да ја оставам тагата во светот, а во 2026-та да ги понесам вербата и надежта

Најважната лекција што ја научив во 2025 година е дека компромисот и неслушањето на сопствената интуиција можат да бидат лоши по здравјето.

Во екот на новогодишната еуфорија пејачката Калиопи со топлина и искреност зборува за магијата што ја носи Нова година, за лекциите што ги научила во 2025 година, за пресвртниците кои ја инспирирале и за љубовта и вербата што ја водат напред.

Во разговор за „Слободен печат“, таа се навраќа на детските спомени за празничната радост, мирисот на мајчините колачи, снежните игри и семејните собири, како и на моментите на професионален успех кои ја направиле горда. Калиопи зборува и за желбите што ги „спакувала“ под елката за 2026 година, како здравје, мир и љубов, и открива како ќе ја дочека новата година во друштво на најмилите.

На која новогодишна традиција од детството секогаш се сеќавате кога ќе почне новогодишната магија?

– Кога бев дете, за мене новогодишната магија започнуваше со мирисот на колачите и превкусните јадења на мајка ми, кои таа ги подготвуваше со многу љубов… Радоста кога ни пристигнуваа најблиските роднини да слават заедно со нас… Снегот и санките, детскиот џагор на улица… Богатата новогодишна телевизиска програма… Малку беше потребно некогаш за една совршена новогодишна ноќ.

Која е најважната лекција што ја научивте во 2025 година?

– Дека компромисот и неслушањето на сопствената интуиција можат да бидат лоши по здравјето.

Фото: Приватна архива

Кој момент од годината би го издвоиле како најголем успех или пресвртница и зошто?

– За мене успехот е последица на вложен труд, љубов и верба… Јас за среќа во оваа година имав неколку такви моменти… Успешни песни, успешни концерти… Пресвртницата се случува последично, секако, доколку успехот не те заслепи. Ќе ги издвојам последниве четири концерти во Македонската филхармонија, кои ме направија да се чувствувам многу горда на своите соработници и на мојата публика.

Што би сакале да оставите зад себе во 2025-та, а што дефинитивно го носите со себе во 2026-та?

– Сакам зад себе во 2025-та да ја оставам загриженоста и тагата заради конфликтите и војните во светот и сакам во 2026-та само да ја понесам вербата и надежта со себе, да не престанам да верувам во чуда.

Фото: Приватна архива

Што ве инспирираше најмногу оваа година?

– Љубовта.

Која желба за 2026 година би ја спакувале под елката и би сакале да биде вашиот новогодишен подарок за претстојната година?

– Ќе посакам само здравје, мир и љубов.

Фото: Приватна архива

Дали накитивте дома, каде и со кого ќе ја дочекате Новата година?

– Да, накитено е … со многу црно-бели лампиони, сребрени ѕвезди, фенери во вид на големи лампиони, многу сијалички и една футуристичка елка на мојот балкон. Убаво и спремно е сè да ја минам ноќта со моите најмили, спокојно и мирно, по големиот четврт концерт, последен во оваа 2025 година.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот