Новинар, питомец, професор по физичко се дел од вокациите на предложените заменици министри

Фото: telekom.mk

Професор по физичко воспитување, новинар, питомец, економист, основач на невладини организации и проект менаџер. Ова се дел од вокациите на предложените заменици министри во македонската Влада за чиј избор треба да се расправа на собраниска седница во вторник. Службите во законодавниот дом ги објавија нивните биографии со цел да бидат достапни за читање и проучување од пратениците.

За заменик на Радмила Шекеринска во Министерството за одбрана е предложен Башким Хасани, професор по физичко воспитување, кој досега ја извршувал функција заменик директор на Финансиска полиција.

Назим Буши е предложен за заменик на Оливер Спасовски во Министерството за внатрешни работи. Во неговото образовно досие стои дека завршил воена академија во Задар и Педагошки факултет во Скопје, а во МВР треба да направи трансфер од позицијата претседател на одборот на директори на Телеком. Професорот на Тетовскиот универзитет, Агим Нухиу, пак, е предлог за заменик министер во Министерството за правда со кое раководи Бојан Маричиќ.

Дипломираниот политолог Илхан Рахман, претставник на турската заедница во земјава, е предложен за заменик министер за политички систем и за односи меѓу заедниците, додека Фатмире Исаки за заменик на Бујар Османи во Министерството за надворешни работи (МНР). Таа е професорка по англиски јазик и кадар на ДПА.
За заменик-министер за финансии е предложен вонредниот професор на Американ колеџ Скопје, Димитар Ковачевски кој досега бил директор и во Телеком и во ВИП. Економистот Зоран Маневски, поранешен државен секретар во транспорт и врски и во економија, е предлог за заменик министер во Министерството за економија, а досегашниот министер за земјоделие, Трајан Димковски станува заменик министер во истиот ресор.
Лекарот Илир Хасани, врвен трауматолог и поранешен директор на Ургентниот центар и на Клиниката за трауматологија, асистент на Медицинскиот факултет, научник и македонски претставник во најреномираните светски асоцијации од областа на трауматологијата ќе биде заменик министер за здравство.

 

 

Арафат Шабани, професор по педагошка психологија и поранешен декан на Тетовскиот универзитет е предлог за заменик-министер за образование и наука. Дипломираниот одделенски наставник Енвер Хусејин од Турската демократска партија, кој досега бил и поранешен државен секретар во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) ќе оди на заменичкото место во  ресорот.

Долгогодишниот новинар и уредник Зоран Димитровски, кадар на Демократскиот сојуз, е предложен за заменик на министер во Министерството за локална самоуправа. Александар Бајдевски, економист (сметководствен менаџмент) останува на местото заменик-министер за информатичко општество и администрација.

Седат Сулејмани, кој дипломирал општествени науки и работел во приватен бизнис, е предложен за заменик-министер во ресорот култура. Во својата биографија, во делот на социо-културни активности се навел како основач на невладини организации со фокусот на културата и уметноста, како и менаџер на проектите „Братството не бира граници“ и „Традиционални уметнички ракотворби“.

Дипломираниот правник и поранешен член на Судскиот совет, Беким Реџепи ќе биде заменик на министер во Министерството за транспорт и врски. Христина Оџаклиеска од ДОМ, која по викација е доктор по географски науки и планер за заштита на животната средина и природното наследство, е предложена за заменик министер за животна средина и просторно планирање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот