Фото: EPA-EFE/ROBERT GHEMENT

Нови авиолинии кон Бари, Стокхолм, Мадрид и Ларнака од скопскиот и до Базел од аеродромот во Охрид

Од денеска, 27 октомври, и утре, 28 октомври, „Визер“ започнува со пет нови авионски линии од Меѓународниот аеродром Скопје и од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид, соопштуваат од ТАВ Македонија.

Новите дестинации се Бари, Стокхолм, Мадрид, Ларнака и Базел. Утрово во 6:05 часот полета првиот авион на линијата Скопје – Стокхолм (Арланда), а подоцна денеска ќе следуваат летовите до Бари и Базел. Утре започнуваат летовите кон Мадрид и повторно воспоставената линија кон Ларнака.

Летовите од Скопје до Стокхолм и Бари, како и од Охрид до Базел, ќе се одвиваат двапати неделно – понеделник и петок, додека линијата до Мадрид ќе лета вторник, петок и сабота, а до Ларнака – вторник и сабота.

Од ТАВ Македонија очекуваат зголемен интерес на патниците, имајќи го предвид туристичкиот потенцијал на овие дестинации.

– Сигурен сум дека овие пет дестинации ќе бидат посетени и со нетрпение очекувани од патниците. Благодарен сум на целиот тим на ТАВ Аеродроми за поддршката во подготовката на овие линии. Посветени сме да обезбедиме уште повеќе дестинации од двата македонски аеродроми – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Меѓу петте нови линии, Мадрид и Бари се целосно нови дестинации за македонскиот пазар, додека Ларнака и Базел се враќаат во понудата, а линијата до Стокхолм е нова поради тоа што авиокомпанијата отсега лета кон главниот аеродром Арланда.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот