Нова кривична за директорот на битолски „Водовод“, осомничен е дека на службени патувања „шетал“ луѓе кои не работат во претпријатието

Водовод-Битола / Фото: Google Street View

Битолската полиција денеска извести дека поднела кривична пријава против Пеце Милевски, актуелниот директор на битолското Јавното претпријатие „Водовод“, кој се сомничи за сторено злоупотреба на службената положба и овластување. Милевски воедно е и претседател на битолскиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, а за директор на претпријатието беше поставен во декември 2021 по промената на локалната власта. Ова е втора кривична пријава поднесена против него во изминатите десет дена.

Според полицијата, Милевски организирал службени патувања на кои земал и луѓе кои не биле вработени во јавносто претпријатие.

Според соопштението на СВР Битола, директорот Милевски „на 14.08.2022, на 26.08.2022 и на 02.09.2022 реализирал три службени патувања во странство со службено возило на ЈКП „Водовод“, патувајќи со лица кои не се вработени во претпријатието и тоа со претходно донесени непрецизирани и некомплетни одлуки од Управниот одбор за одобрување на службени патувања во странство. Исто така, тој како одговорно лице во текот на 2022 примил фактура во износ од 20.088 денари од овластен сервис за поправка на службеното возило, која била наплатена од сметката на ЈКП „Водовод“, иако возилото било каско-осигурано“.

На 17 февруари беше поднесена кривична пријава против Јавното комунално претпријатие „Водовод“ и против директорот Милевски поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“, казниво по член 244 од Кривичниот законик. Милевски во текот на април и мај 2022, без да изготви соодветна документација и проект и без одобрение за градба, дозволил изградба на подземна инсталација на место каде претходно не постоела.

Тој за „СДК.мк“ изјави дека обвинувањата се неосновани и дека не сторил никакви злоупотреби. Претпоставува дека целиот случај има политичка позадина, а за политиката вели дека „станала гнасна“.

„Јас сум побарал дозвола од Управниот одбор да завршам работа во интерес на Јавното претпријатие, целта е меѓугранична соработка со Лерин. Две патувања се поради остварена средба со директорката на леринското претпријатие за да подготвиме ИПА проект, заедно да аплицираме, а тие веќе работат на дигитални водомери, патувањата се во тој домен. А за третото веќе постои склучена солемнизација за плаќање на обврска“, вели Милевски.

За фактурата за поправка на возилото, тој вели била за промена на пластични делови кои биле оштетени од претходно, уште пред тој да дојде за директор, не биле променети, а за нив каско-осигурувањето не може да се искористи.

Директорот на битолскиот Водовод потпишал да се гради подземна инсталација без документи, го гонат за градење на диво

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот