Нова книга за Скопје: Антологиски раскази во кои градот станува личност

Збирката раскази „Скопски дамари“ од македонскиот писател Благоја Иванов, со поднаслов „автентичен книжевен вкус на старо и ново Скопје низ дваесетина антологиски раскази“, деновиве излезе од печат како 184. издание во едицијата „Проаза“ на издавачката куќа „Или-или“. Визуелниот дизајн на книгата е дело на Марија Смилевска, а излегувањето на книгата е поддржано од Град Скопје.

Изборот на расказите го направи Игор Анѓелков, кој во освртот кон збирката нагласува дека Иванов, заедно со Славко Јаневски, Влада Урошевиќ и Димитар Солев, е континуираниот хроничар на скопските случувања во неговите дела од пред Втората светска војна до денешен ден.

– Сето она што го раскажува Иванов во своите приказни за Скопје, како ретко кој македонски писател, создава своевидна мапа на градот, карта од која извира животна сила составена од нерви и крвни садови за силна пулсација на урбаното битие, која содржи и разни пукнатини и шуплини пред кои не смее да се затворат очите и кои треба да се забележат и да се прераскажат. Така, Скопје на суптилен начин станува засебен лик во оваа збирка раскази, град-личност кој секогаш е подготвен да ја покаже својата сила, „небаре сениште кое тешко ја поднесува дневната светлина“, но тој е и „брод со драгоцен товар“ на кој секогаш ќе му се навраќаме во нашите книжевни творби – забележува Анѓелков.

Благоја Иванов (1931) е македонски раскажувач, романописец, есеист, критичар и драмски автор. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Работел како главен уредник на Културниот сектор на Радио Скопје, директор на Телевизија Скопје и професор на ФДУ. Долги години го уредувал списанието „Млада литература“, а бил и главен и одговорен уредник на списанието „Разгледи“. Член е на ДПМ од 1958 година и негов претседател во два мандата. Член е на Македонскиот ПЕН-центар. Автор е на дваесетина прозни дела и добитник на повеќе награди.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 33, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 30-31 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот