Нов закон: За плаќање пет сметки во банка, месечен трошок од најмногу 30 денари

Фото: Janusz Pieńkowski / Alamy / Alamy / Profimedia

Централните банки вообичаено немаат законска можност директно да влијаат врз банкарските надоместоци што во услови на пазарна економија се деловна одлука на банките, но делуваат индиректно преку поттикнување поголема конкуренција, особено во делот на платежни услуги, велат од НБРСМ

Со ново законско решение од 1 јануари 2023 година и со конкуренција што ќе се јави со појавата и на други даватели на платежни услуги треба да се стави ред во надоместоците и придонесите што ги наплаќаат банките, а чиј износ, според податоците од Народната банка, значително се зголемува.

Податоците покажуваат дека во првото полугодие од годинава банките собрале од камати 156 милиони евра, а од провизии и надоместоци 76,14 милиони евра, односно износ што е речиси половина од оној на каматите. Пред две години, односно на крајот од првото полугодие 2020 година, приходите од каматите биле 152,3 милиони евра, а од провизиите и надоместоците биле 55,3 милиони евра, а тоа е околу една третина од износот собран од каматите.

Од Народната банка за „Слободен печат“ изјавија дека централните банки вообичаено немаат законска можност директно да влијаат врз банкарските надоместоци што во услови на пазарна економија се деловна одлука на банките, но дека делуваат индиректно преку поттикнување на поголема конкуренција, особено во делот на платежни услуги.

– Во овој контекст, а истовремено во насока на усогласување на домашното со европското законодавство, Народната банка активно работеше со Министерството за финансии на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, кој беше усвоен годинава и стапува во сила од почетокот на следната година. Новиот закон очекуваме да поттикне влез на нови даватели на платежни услуги, односно зголемена конкуренција, имајќи предвид дека банките тековно се единствени даватели на платежни услуги. Она што е исто така многу значајно е што во законот се уредуваат повеќе решенија за поставување на насоки и ограничувања на надоместоците, како и поголема транспарентност во насока на повисока заштита на потрошувачите – велат од Народната банка.

Оттаму објаснуваат дека со новото законско решение ќе се воведе и платежна сметка со основни функции, ќе има унифицирани рамковни договори и предвидени видови надоместоци и ослободување од нив, поголема транспарентност и ограничување на надоместоците за плаќање со картички.

– Преку воведувањето платежна сметка со основни функции, граѓаните ќе можат да извршуваат платежни трансакции за измирување на нивните вообичаени обврски (сметки за вода, електрична енергија, греење, интернет и сл.) или трансфер на парични средства на друго лице. За извршувањето на овие трансакции, граѓаните ќе плаќаат разумна висина на надоместоци, која не смее да биде повисока од 0,1% од просечната исплатена нето-плата во земјата за претходните 12 месеци (околу 30 денари). Во рамките на овој надоместок, банката ќе им овозможи на граѓаните одржување на платежна сметка со основни функции и извршување најмалку 5 платежни трансакции месечно кон примач кај истата банка. Доколку корисниците припаѓаат на некоја од ранливите категории, граѓаните ќе можат да ја користат платежната сметка со основни функции без надоместок – велат од Народната банка.

Со Законот, банките ќе бидат должни најмалку еднаш годишно на потрошувачот да му дадат извештај за сите наплатени надоместоци за услугите поврзани со платежната сметка, информации за висината на каматните стапки и применетиот девизен курс. Народната банка, пак, ќе утврдува список на најрепрезентативни услуги поврзани со платежна сметка и на својата интернет-страница редовно ќе објавува какви надоместоци се плаќаат за нив, и тоа за секоја банка поединечно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот