Нов удар за Бред Пит, и најстариот син Медокс официјално се откажа од неговото презиме
Најстариот син на Бред Пит и Анџелина Џоли, 24-годишниот Медокс, официјално побарал да се отстрани презимето на неговиот татко од неговото име, придружувајќи им се на браќата и сестрите кои во изминатите години го направија истото, пренесува „Дејли мејл“.
Препорачано
Семејните односи меѓу Бред Пит и неговите деца очигледно и понатаму се далеку од помирување. Откако неговите ќерки Шајло, Захара и Вивиен престанаа да го користат презимето Пит, истиот чекор сега и официјално го направи и нивниот најстар брат Медокс.
Медокс Џоли-Пит во четвртокот поднел барање за законска промена на името и отсега ќе се вика Медокс Чиван Џоли. Како причина за промената навел само дека станува збор за „лични причини“.
Одлуката не дошла ненадејно. Уште во февруари, Медокс во одјавната шпица на филмот „Кутур“, чиј продуцент е неговата мајка Анџелина Џоли, бил потпишан како Медокс Џоли, без презимето на татко му.
Медокс со тоа стана последното од шесте деца на Бред Пит и Анџелина Џоли кое јавно се дистанцирало од презимето на актерот. Минатата година нивната ќерка Шајло и официјално го променила името од Шајло Нувел Џоли-Пит во Шајло Џоли, кратко по нејзиниот 18. роденден.
И Захара и Вивиен во последните години го користат исклучиво презимето Џоли. Вивиен минатата година, како продуцентка на бродвејскиот мјузикл „Аутсајдерс“, била наведена под името Вивиен Џоли, додека Захара за време на церемонијата на дипломирање била претставена како Захара Марли Џоли.
Пит и Џоли имаат шест деца: Медокс, Пакс, Захара, Шајло и близнаците Нокс и Вивиен. Иако беа во брак од 2014 до 2019 година, нивниот однос завршил многу пред официјалниот развод.
Разделбата следувала по инцидент за време на приватен лет во 2016 година. Во судските документи што ги поднела во 2022 година, Џоли тврдела дека Пит за време на летот „физички и вербално ја нападнал“ неа и нивните деца и дека дошло до конфликт со тогаш 15-годишниот Медокс. Актерот ги отфрлил овие обвинувања, а Федералното истражно биро по истрагата не покренало никакви обвиненија против него.
Според американските медиуми, односите на Пит со возрасните деца веќе со години се сериозно нарушени. Извор близок до семејството претходно за списанието „Пипл“ изјавил дека актерот „речиси и да нема никаков контакт со возрасните деца“, додека контактите со помладите деца се ограничени.
Од друга страна, извори блиски до Пит тврдат дека актерот и понатаму сака да го обнови односот со своите деца и се надева дека времето ќе помогне во заздравувањето на семејните рани.


