Нов фестивал на камерна музика е востановен во Струмица

Првото издание на фестивалот на камерна музика „Струмица Класика Интернационален Фестивал 2022“, што како идеја тлеела долги години кај проф. м-р Васил Атанасов, селектор на фестивалската програма, се одржува од 2 до 9 јуни во Струмица. Покрај солистичката музика, најголемиот дел од програмата е посветена на камерната музика.

– Идејата беше прифатена од моите колеги, група професионални музичари од Филхармонија, Опера и колеги од основното музичко училиште „Боро Џони“ од Струмица, со цел да направиме еден интересен фестивал, единствен од таков вид кај нас, презентираjќи претежно камерна музика, во состави како дуо, трио, квартет, квинтет, октет, хорови, камерни оркестри итн. Идејата за фестивалот со задоволство ја прифатија и поддржаа Градоначалникот и Советот на Општина Струмица, за што им благодариме за поддршката – истакнува Васил Атанасов.

Целта во реализацијата на фестивалот е да ги претстави врвните македонски уметници кои ја негуваат камерната музика, но и гости од соседните земји, Европа и пошироко.

Васил Атанасов

– Струмица е град со традиција и историско културно наследство од сите сфери, град кој ја сака музичката уметност, театарот, филмот, сликарството и културата, воопшто, и има убава традиција на културни настани, а со овој фестивал сметаме дека ќе го збогатиме културното живеење на Струмица и регионот, бидејќи градот го заслужува тоа, не само поради традицијата која ја има, туку и заради местоположбата на градот со соседите, со што ќе стане културен уметнички центар на Балканот – додава Атанасов.

Очекувањата на организаторите се дека, покрај гостувањето на странски уметници од повеќе земји, фестивалот ќе придонесе Струмица да стане и атрактивна туристичка дестинација, која има прекрасно културно наследство, како Самоиловата тврдина над градот, манастирот „Св. Илија“, гробот на Струма, Катедралната црква „Св. Леонтиј“ – Водоча, манастирите „Вељуса“ и „Св. Петнаесет Тивериополски маченици“, „Римската бања“ – Банско, Смоларски и Колешински водопади и други убавини од подножјето на планините Беласица и Огражден.

Првите две вечери на фестивалот настапија гудачкиот квартет „Симфониета“ од Бугарија на 2 јуни, пијано дуото „Арт“ од Србија на 4 јуни, додека на 5 јуни концерт ќе одржи детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“. Следните концерти се на 7 и 9 јуни во Струмица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот