Близок соработник на Лаура Ковеши ќе биде нов европски главен обвинител
Европскиот парламент го потврди назначувањето на Андрес Ритер за нов европски главен обвинител, откако Советот на ЕУ вчера постигна договор за неговиот избор. Ритер ќе ја преземе функцијата на 1 ноември оваа година, пишува Канцеларијата на европскиот јавен обвинител.
Препорачано
Ритер ја започна својата кариера во 1995 година во обвинителството на Сојузна Република Германија, а во 2008 година стана заменик-главен државен обвинител во покраината Мекленбург.
Потоа тој раководеше со неколку јавни обвинителства, вклучувајќи го и Специјалното обвинителство во Росток од 2013 до 2020 година. Тој беше првиот европски обвинител назначен од Германија, а од 11 ноември 2020 година е заменик-главен европски обвинител.
„Топло го поздравувам назначувањето на Ритер за следен европски главен обвинител. Тој поседува сеопфатно разбирање за Европското јавно обвинителство и клучните предизвици со кои се соочува, како и длабока посветеност на независноста на судството“.
„Убедена сум дека под негово водство ЕЈО ќе продолжи да ги штити финансиските интереси на ЕУ и владеењето на правото на најефикасен начин“, рече Ковеши.
Лаура Кодруца Ковеши е Романка, доктор по право и една од најпознатите обвинителки во ЕУ. Таа беше најмлада и прва жена генерална обвинителка на Романија и стана „непријатно“ име за голем дел од романскиот политички естаблишмент.
Во 2019 година беше назначена за прв европски главен обвинител – на чело на новоформираното Европско јавно обвинителство (EPPO) со седиште во Луксембург, а нејзиниот мандат истекува во октомври оваа година.
Шестгодишниот мандат на Ковеши е препознатлив по неколку истраги од висок профил – вклучувајќи случаи поврзани со грчки министри, преговори за набавка на вакцини од ЕУ, Европската народна партија и наводна злоупотреба на средствата на ЕУ од страна на европратениците.
Европското јавно обвинителство е независно јавно обвинителство на ЕУ. Тоа е одговорно за истрага, гонење и изведување пред суд на сторителите на кривични дела што им штетат на финансиските интереси на Унијата.


