Нобеловата награда како инструмент на војната
Џулијан Асанж, најпознатиот од сите дисиденти, е ретка личност што јавно го критикуваше изборот на Мачадо и на сите актери во процесот. Во меѓувреме, Мачадо, благодарение на американските командоси, од Венецуела дојде во Осло.
Кога Алфред Нобел во својата последна волја, тестаментот што датира од 1895 година, го востановуваше фондот чиј годишен принос ќе се дели во форма на награди на оние што претходно на човештвото му донеле најголема корист, покрај физиката, хемијата, медицината и литературата – од 1968 година е додадена и наградата за економија – посебно место беше обезбедено за наградата за мир. Изворно, Нобеловата награда за мир е наменета за личности што направиле најмногу или најдобро за унапредување на братството меѓу народите, демилитаризација и промовирање мировни конгреси, односно пошироки мировни иницијативи.
Препорачано
Според мислењето на норвешкиот Нобелов институт, овогодишниот лауреат за Нобеловата награда за мир, Марија Корина Мачадо, Венецуелка што ја персонифицира целата опозиција на таа латиноамериканска земја, е „храбар и посветен шампион на мирот, (…) жена што го одржува пламенот на демократијата и покрај растечкиот мрак“. Ќе се посветиме на нејзиниот профил нешто подоцна, но пред тоа мораме да воведеме еден контрастен елемент, кој ја прикажува Мачадо во нешто поинакво светло, спротивно на поетските описи што ласкаво ѝ се доделени.
Набргу откако Мачадо беше прогласена за добитничка на тоа престижно мировно признание, таа му се јави на израелскиот премиер Нетанјаху, а содржината на нивниот разговор ја сподели на платформата Х: „Биби“ нејзе и на венецуелскиот народ топло им ја честитал наградата, а таа ја истакнала потребата за „морална сила на отпорот кон тоталитаризмот што нè опкружува“, мислејќи на режимот во Каракас и Техеран. Своето излагање на платформата Икс го заврши со слаткоречив тон дека мирот заслужува слобода, а слободата заслужува храброст и сила, мислејќи веројатно на себе.
Злобниците би рекле дека Алфред Нобел се превртува во гробот, како што се вели колоквијално, бидејќи овогодишниот лауреат Мачадо само преку неколкуте цитирани описи на социјалната мрежа ја негираше суштината на неговата последна волја, која е заснована на желбата за демилитаризација и пошироки мировни иницијативи. Но, за волја на вистината, кога станува збор за Нобеловата награда за мир, таа уште од своите почетни фази содржи одреден парадокс во себе.
Алфред Нобел го стекнал имотот занимавајќи се со експлозиви – го измислил динамитот чија намена е и цивилна, но побарувачката за него била најголема во конфликтите, па своевремено француските новинари го нарекувале „трговец со смртта“ – но во последната фаза од животот се свртел кон пацифизмот, благодарение на австриската пацифистка Берта фон Сутнер. Инаку, Алфред Нобел бил противник на правото на глас на жените, неговите биографи го сметаат за релативно крута личност, а неговото наследство во смисла на процедурите за избор на лауреати е таинствено и изложено на влијанија однадвор.
Марија Корина Мачадо е родена во 1967 година во Каракас, во семејство на татко индустријалец и мајка психолог, завршила елитно католичко училиште, а подоцна школувањето го продолжила во Америка. Дипломирала градежништво, а подоцна се специјализирала за финансии. Разведена, мајка на три деца, со имот проценет на околу четири милиони долари, портфолиото ќе го збогати со овогодишната награда што надминува еден милион американски долари.
Активизмот ја турна во политичката арена: во деведесеттите преку својата фондација го олеснуваше животот на сиромашниот дел од населението, а кога Уго Чавез дојде на власт, фокусот го префрли на граѓанскиот активизам, кој патем секогаш недостига во авторитарните режими. Тука почна да ги собира првите политички поени, барајќи изборна транспарентност и обидувајќи се да го собори Чавез преку референдум – во што не успеа – но токму тие први години од јавниот ангажман ѝ го подготвија патот да стане видлив лидер на опозицијата. Му опонираше и на Николас Мадуро во текот на целото негово владеење, а ѝ беше забрането да се кандидира на претседателските избори во 2024 година, кои Мадуро ги доби, но поради малверзации, неговата меѓународна позиција е со легитимитет под знак прашање.
Како лидерка на опозицијата, Мачадо, заедно со истомислениците беше изложена на прогони и притисоци, што е честа судбина на политичката опозиција во латинска Америка.
Мачадо поддржува специјална воена интервенција со која Трамп се обидува да го собори претседателот Мадуро под превезот на борбата против картелите кои со дрога го трујат американскиот народ. Таа му ја посветува наградата на претседателот Трамп – кој претходно, на свој карактеристичен спектакуларен начин, ја обвини дека му ја украла наградата – а нејзиниот народ, токму поради планираната интервенција на Доналд, е на чекор до слободата, смета Мачадо.
Две критички точки на нејзиниот избор за престижната мировна награда допираат два проблематични аспекта на нејзиниот лик и дело: првиот е молкот за Газа што се интерпретира како безусловна поддршка на израелскиот режим, кој е етички компромитиран и меѓународно оптоварен. Вториот е посакувањето воена интервенција на една светска сила – Америка – врз нејзината татковина Венецуела.
Првата критика е од етички и меѓународен тип, која покажува дека Мачадо со мирот се занимава на сосема селективен и нехуман начин. Ако еден мировен активист може да апстрахира од фактичкиот геноцид во Газа, тогаш тоа, според нас, целосно етички го дискредитира. Истовремено, ако безусловно заговара интервенционизам, тоа е показател или за наивен идеализам или за сурова политичка амбиција. Џулијан Асанж, најпознатиот од сите дисиденти, е ретка личност што јавно го критикуваше изборот на Мачадо и сите актери во процесот.
Во меѓувреме, Мачадо, благодарение на американските командоси од Венецуела стигна во Осло – мисијата на нејзиното извлекување со брод и со приватен авион ѝ предизвика болки во грбот – и одржа конференција за медиумите на која зборуваше за мајки, деца, емоции, мир, инвестиции и демократизација. Така говореше лауреатот кој едни трагедии ги занемарува, а воени интервенции поддржува.
Ослобоѓење
(Авторот е новинар)


