Нина Маџиров, глумица и продуцент: Силно верувам во добрината на човекот

Гостинка во „Слободен печат“/„Женски печат“ ни е Нина Маџиров, глумица и продуцент, ќерка на македонскиот виртуоз, сега покојниот Зоран Маџиров. Младата Нина – убава, талентирана и храбра – се пробива на филмската сцена во Лос Анџелес, САД, каде што живее и работи. Со нас ги споделува нејзините борби, успеси, радости, а од тагата пак, прави уметност.    

Нина Маџиров, глумица и продуцент, со постојана адреса на живеење во Лос Анџелес

Љубовта кон глумата во мене се јави уште во раното детство. Многупати низ очи ми поминуваат сцени од „Волшебникот од Оз“, бев воодушевена од самиот филм, од глумата. Во моето семејство секогаш владееше правилото на слобода – уште од мала сфатив дека имам слободен простор самоволно да ја изберам својата професија, без никаков притисок. Дали по некоја случајност, дали поради познатиот слоган – „крушата под круша паѓа“, и јас пораснав во уметник како многу мои блиски. Веројатно, сеприсутноста на уметноста во мојот дом си го одработи своето. Израснав заспивајќи со џез музика и на свои пет години посакав да свирам клавир. Музиката секогаш ќе има посебно место во моето срце, таа несебично ме носи блиску до татко ми. Понекогаш, некои наши омилени композиции, кога случајно ќе ги слушнам на радио во автомобилот, ме враќаат години наназад и често, од нигде-никаде, ми оживуваат заборавени случки. Татко ми велеше: „Животот е како џез-тема, импровизација, тема.“ За жал, неговата импровизација беше кратка, но за мене единствена и неповторлива. Зад секое големо дело се крие голема емоција. Тага. Среќа. Токму тие чувства ги преточуваме во уметност. Понекогаш ти изгледа дека животот ја имитира уметноста, и таа следствено го надополнува.

Кога го пишував сценариото за „Стакло“, мојот прв краткометражен филм, за мене тоа беше влегување во мојата реалност и во мојот горчлив свет. Горчлив, а сепак мој. Борбата во мене беше помеѓу реалноста и надежта. Ми беше премногу тешко да се соочам со неговата смрт. Но, татко ми ме научи на борбеност, едноставно, не смеев да се откажам од надеж. ,,Стакло“ за мене беше една голема исповед. Навраќајки се на мојата „импровизација“ наречена живот, денес се наоѓам во Лос Анџелес, градот на ѕвездите. Чекор по чекор, со трпение, надеж и љубов кон филмската уметност, потпишав договор со светски познатата компанија „СК Менаџмент“, која стои зад актери што се оствариле во познати серии и блокбастери. Почнав да одам на аудиции за Нетфликс, ХБО, за големи блокбастери. Конкуренцијата е дефинитвно огромна, но ќе продолжам макотрпно да се трудам. Имам големо животно школо зад мене. Потешко се разочарувам, а се трудам двојно повеќе, зашто сега и татко ми стиска палци онаму некаде, горе низ ѕвездите, а јас сонувам да го направам најгорд на сите светови.

За сите луѓе, па и за оние во Холивуд, верувам дека важи правилото „добрината со добрина се враќа“. Тоа што сакам да помагам е дел од моето постоење. Едноставно таква сум, и верувам дека и мене би ми помогнал некој кога би била во неволја. Верувам во доброто. Можеби звучи наивно, но јас навистина силно верувам во добрината на човекот. Сакам да помогам на луѓето, за што било, и не очекувам ништо за возврат.

Силна поддршка упатувам кон уметниците бидејќи е повеќе од потребна во овие мигови. Најголема среќа, за што сум бескрајно благодарна, е поддршката од семејството и пријателите. За уметникот да се вреднува каде било, треба уметникот да се вреднува прво сам себе и да верува во себе и во својот успех. Сè започнува од нас.

Во моментот работам на ново сценариo, заедно со мојот брат. Дејството се одвива во САД и во Македонија. Во подготвка се филмови што ќе ги режирам овде. Во едниот ќе глумам, се надевам на успех. Паралелно работам и на серија заедно со една другарка и колешка, и се трудам умешно да ја работам својата работа како продуцент во продукциската куќа каде што сум вработена. Филмот се вика „Џон Ван Хамерсвелд – Лудиот свет“, беше нашиот кандидат за Оскарите, освои 15 награди за најдобар краток документарен филм и најдобра музика. Самиот филм пак, претставува кратко љубовно писмо кон уметниците. Неодамна имавме прекрасни критики во легендарните „Вараети“ („Variety“) и „Холивуд репортер“ („The Hollywood Reporter“).

За крај, би сакала да упатам голем поздрав до сите што ме познаваат во Македонија – ми недостасувате, ве сакам и останете во добро здравје!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот