Николоски „држи банка“ во ВМРО-ДПМНЕ за да прави штети

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Толку произволни изјави и манипулации за да направи штети во банкарскиот сектор никој не смее да си дозволи, а најмалку некој на висока партиска функција како потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. А можел, ако сакал да знае нешто, да праша што мисли професорот Славески за тој потег на Народната банка.

Потпретседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, си дозволи да ја коментира одлуката на Народната банка за привремената забрана за исплата на дивиденда во банките. Изнесе лични и неаргументирани оценки за банкарскиот систем и инсинуации дека треба да се повлекуваат пари од банките. Не е претерување ако се каже дека тоа што го направи тој е страшна манипулација и злоупотреба на интервју во емисија што е многу гледна и е на телевизија со национална концесија со намера да се заработат политички поени.

Зборовите на Николоски може да му нанесат штети на банкарството и да влијаат врз довербата на штедачите. Такви произволни изјави за банкарскиот сектор никој не смее да си го дозволи, а најмалку човек со таква висока партиска позиција. Во банките се парите на народот и на фирмите!

Паметна работа ќе направеше Николоски ако пред емисијата се посоветуваше со својот сопартиец Трајко Славески, за да знае што да зборува за економијата и за банкарството. Славески е професор по економија, па ќе му дадеше една бесплатна лекција, а и немаше во јавноста двајцата да излезат со две различни гледања на новата ситуација со банкарските дивиденди. Во изјава за „Вечер“ Славески вели: „Одлуката на Централната банка за времена суспензија на исплатата на дивиденди од страна на банките и штедилниците е целосно оправдана. Народната банка требаше да воведе забрана за исплата на дивиденди од страна на банките уште во март/април минатата година, на самиот почеток од пандемијата, по примерот на речиси сите централни банки во Европа. Како член на Економскиот совет при техничката влада јас ваков предлог изнесов уште на првиот или на вториот состанок на Советот“. Но, ете за овој предлог не чул потпретседателот на партијата…

Народната банка, пак, ја образложи Одлуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките со зборовите: „Најновите показатели потврдуваат дека банкарскиот систем успешно ја одржува својата стабилност, при што кредитите и натаму растат, а капиталните позиции на банките се стабилни. Сепак, неизвесноста од корона-кризата сè уште трае. Поради тоа, со Одлуката донесена на денешната седница (26 февруари м.з.), којашто е привремена мерка, се делува превентивно, за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност околу понатамошниот тек на здравствената криза“.

Експертската јавност го прифати ова образложение како легитимна проценка на Народната банка која треба да се почитува. Но, две банки – Комерцијална и ТТК банка, истиот ден преку Македонската берза доставија предлог- одлуки за распределба на дивиденда. Поранешните гувернери, Петар Гошев и Љубе Трпески, во изјави за медиумите, јасно порачаа дека е неодговорно банките да ги коментираат одлуките на Народната банка, која всушност е регулатор. Но, изгледа и нашите банки, како и нашите политичари не си го знаат редот и местото. Имено, од сите банки во Македонија, само овие две и уште една што одмолчи, се во доминантна сопственост на домашни правни и физички лица. Другите се во сопственост на странски банки. Тие си го знаат редот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот