Никој не ги ферма законските измени против должничкото ропство

Young couple calculating their domestic budget together in kitchen, trying to save money for buying new car, having stressed and frustrated looks. Unhappy woman showing unpaid bill to her husband

За предметите што се во извршување над 10 години, треба да престане извршувањето. Но, во практика тоа не се случува. Комората на адвокати ја оспорува ретроактивноста, а граѓанските здруженија нудат аргументи дека сè е според Уставот

Измените на Законот за облигациони односи, со кој беше најавувано дека ќе се прекине должничкото ропство, иако се на сила повеќе од еден месец, не се почитуваат, тврдат граѓанските здруженија. Измените на Законот треба да важат и ретроактивно, а Комората на адвокати, како и други правни субјекти поднеле иницијатива пред Уставниот суд за преиспитување на уставноста на ретроактивното дејство. Здруженијата „Човекот над профитот“, „Но пасаран“, Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ) и Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), вчера во Уставниот суд ги доставија аргументите за уставноста на измените, за кои потенцираат дека се апсолутно во полза на граѓаните што се оштетени и кои сè уште се наоѓаат во должничко ропство.

Според Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи, кој се објави во „Службен весник“ на 20 јули годинава, извршната постапка може да се реализира во рок од 10 години од денот на поднесување на Барањето за извршување, по кој рок настапува апсолутна застареност, со ретроактивно дејство. Пред да се донесат овие измени, како што објасни и правната фела, во рамките на тие 10 години извршителите можеа да преземаат разни дејства, но немаше краен рок кога можеше да се изврши наплатата, па тоа можеше да се изврши и по повеќе децении.

Граѓанските организации велат дека до нив се обраќаат илјадници граѓани, кои очекувале дека според новите законски измени, по изминатите 10 години, ќе се „откачат“ од долговите, но напротив, им затропале извршители на врата. Активистите велат дека тоа е непочитување на новата регулатива, а тоа е казниво дело.
Граѓанската активистка Ана Глигорова ги презентираше аргументите што ќе ги понудат на Уставниот суд.

– Укажувањето на Адвокатската комора е непрофесионално, неетичко и дискриминирачко. Одредби што важат за веќе започнати постапки, досега во повеќе наврати се усвојувани, но сите тие беа во интерес на доверителите, па затоа Адвокатската комора не ги оспоруваше пред Уставниот суд. Така, порано Законот за извршување наложуваше употреба на документација за извршните постапки исклучиво во оригинал, а потоа во 2018 година со законски измени се дозволи да се употребуваат извршни исправи во фотокопии и тие измени важеа ретроактивно. Сега се носат законски измени, исто ретроактивно, но во полза на граѓаните, кои за долг од 1.000 денари требат да платат и 100.000 денари. Ако ретроактивноста можеше да важи за доверителите, може да важи и за должниците – вели Глигорова од здружението „Човекот над профитот“.

Самка Ибраимоски од ПЦЕР прашува каков е интересот на Адвокатската комора да поднесе ваква инцијатива, кога новите законски измени не ги засегаат адвокатите.

– Знаеме дека Адвокатската комора ги штити правата на адвокатите, а со законските измени не се задира во нивните права. Како што е познато, тие во одредени случаи штитат доверители, во други должници. Нам, како политичка партија, ни фрла сомнеж ваквото постапување на адвокатите и прашуваме дали тоа значи дека тие се во спрега со олигарсите и со јавните претпријатија – вели Ибраимовски.

Тој потсети дека законските измени се потпишани од претседателот на државата, дека тие беа во Собранието, што значи дека тим од правници ги проучувал.
– Неприменувањето на закон е кривично дело според член 353 од Кривичниот законик. За предметите што се во извршување над 10 години, треба да престане извршувањето – вели Ибраимоски.

Тој го повика Министерството за финансии да го направи формуларот што го бараат извршителите, а на кој тие се повикале како неопходен документ за да може да постапуваат по законските измени, односно да направат заклучок и престанок на наплатување на побарување според новиот закон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот