Независниот театар „Златен Елец“ ќе ја изведе првата реприза на „Сина сенка“ во МКЦ Клуб
Претставата „Сина сенка“ на независниот театар „Златен Елец“ е проект во соработка со американскиот автор Брајан Рејнолдс, кој за првпат се поставува во Македонија. Делото продира длабоко во реалноста на денешното општество, времето во кое опстануваме, системот во кој живееме и начинот на кој тој систем создава насилство.
Препорачано
Првата реприза на претставата ќе биде изведена на 23 декември, во 20 часот, во МКЦ Клуб. Поставена на текст од Брајан Рејнолдс во режија на Тамара Стојаноска во претставата играат Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ.
– Кој ги создава насилниците и кој има корист од нашиот страв? Претставата отвора прашања за тоа како медиумите нè трујат со лажни вредности, како фармацевтската индустрија и големите бизниси го користат човечкиот страв за поголем профит, и како поединецот станува жртва, но и продукт на една болна општествена машина. Ова е современа приказна за човекот во системот, истовремено жртва и соучесник, борец и сенка. Може да се доживее и како ехо на култните драми за „малиот човек“, современ „Војцек“ или „Хинкеман“, каде хуманоста се губи под тежината на стравот, контролата и манипулацијата.
Претставата создава свет во кој реалноста и илузијата се преплетуваат, а секоја сцена пулсира со прашањето: дали навистина живееме, или само преживуваме? „Сина сенка“ не завршува со спуштањето на завесата, таа продолжува во секојдневието, во вестите, на улиците, во тишината со која го прифаќаме апсурдот како нормален. Но вистинската борба не е само против системот, туку против стравот во нас самите. Претставата нè води таму каде што започнува секое насилство, во човечката свест, во нејзината сенка – посочува режисерката Тамара Стојаноска.
Брајан Рејнолдс е американски драмски автор, режисер, изведувач и теоретичар на изведбата, чија работа го обединува театарот, филозофијата и современата културна мисла. Тој е коосновач и уметнички директор на „Transversal Theater Company“ со седиште во Амстердам – театарска трупа позната по своите експериментални, интердисциплинарни и концептуално храбри претстави. Делата на Рејнолдс, создадени во продукција на „Transversal Theater“ или други организации, се изведени на повеќе од 70 сцени во 19 земји на четири континенти.
Во продукција на Театар „Златен Елец“ од Скопје во подготовката на претставата учествуваа Сашо Огненовски со превод на текстот од англиски јазик, Мајкл Хукер со оригинална музика, Лука Тошев со музика за претставата и нови аранжмани, Бојана Цилевска со дизајн на постер и рекламен материјал, Тамара Стојаноска со сценографија и избор на костими во консултација со актерската екипа, Благој Илиев со изработка на специфични реквизити и Јордан Звездоски како фотограф.


