Неопходена е законска регулатива против лажните вести, регионот не е имун на дезинформации

Фото: Профимедиа

Брзото темпо на функционирање кое го наметнува модерниот живот пратено од секојдневната употреба на интернетот и напливот од новите технологии формираат клима со која во морето на информации од професионалните медиумите се провлекуваат во голема мера и бројни дезинформации но и лажни вести.Овие штетни нус појави на модерното функционирање на новинарството особено дојдоа до израз откако започна војната во Украина, но тие во голема мера беа присутни и во периодот кога Македонија но и остатокот од регионот и светот се справуваа со пандемијата на Коронавирусот.

Во овој период со голема леснотија преку социјалните мрежи можеа да се прочитаат неточни информации за боиштата во Украина и бројот на загинати, натаму лажни бројки за заболени и починати, теории на заговор, манипулативни информации кои беа далеку од фактите и предизвикаат единствено паника и чуство на несигурност.

Земјава има толкаво влијание во овие состојби што изминативе години Фејсбук детектираше и дека „фарми на тролови“ кои доаѓаат од Македонија кои ширеле дезинформации кои стигнувале и до светските медиумски гинати. Овие „фарми на тролови“ од Македонија не се за прв пат споменати сега, туку станаа актуелни во светот по велешката група на млади кои ширеа лажни вести во периодот кога во САД се избираше претседателот Доналд Трамп во 2016 година. Токму затоа може да се разбере зошто Македонија но и другите земји на Балканот и светот се активни на ова поле креирајќи државни алатки за сузбивање на оваа штетна појава.

Последната вест на оваа тематика пристигнува од Литванија, Полска и Украина, кои неодамна започнаа процес на изградба на државни стратегии за превенирање на дезинформациите од боиштата во конфликтот со Русија. Во своја изјава на оваа тема литванскиот политички аналитичар и експерт во комуникологија Лукас Андриукаитис истакна дека руската пропаганда во моментов е способна вешто да се прилагоди и да ја најде најповолната тема во државите и тамошните медиуми за да изврши свое влијание токму преку лажните вести.

– За борба против дезинформациите, се препорачува да се создаде посебен центар кој работи во Литванија, и ја координира соработката на регионален и меѓународен план. Центарот ќе биде создаден следната година и ќе собира професионалци од различни области – објаснува Андриукаитис.

Од друга страна коментирајќи ги глобалните случувања но од балканска перспектива, спрскиот долгогодишен новинар Вук Ускоковиќ во своја констатнација на темава информира дека дезинформацијата е погрешна информација која има цел, намера, и најважно – интерес да биде пласирана во медиумтие. Според него дезинформацијата не е техничка или печатна грешка, во вестите ниту шеговита информација туку станува збор за инструмент кој мноштво од светските центри на моќ го користат активно со кои се врши одредена пропаганда или тенденциозно измеснување на вистината за одредени цели.

Вук Ускоковиќ, долгогодишен новинар и поранешен уредник на РТС

– Дезинформациите треба да ги натераат луѓето да формираат ставови и да носат одлуки не врз основа на реалната состојба, туку онака како што некому му одговара. Токму затоа во моментов светските држави наголемо работат да го сузбијат овој проблем, а секоја држава од своја перспектива на настните се обидува да најде законска рамка со која ќе се влијае да се спречи штетното делување на овој феномен кој го мачи модерното новинарство – вели Ускоковиќ.

Од друга страна домашниот комуниколог и експерт по комуникации Бојан Кордалов вели дека тенка е линијата меѓу законското регулирање на интернет просторот со информации и почитувањето на слободата на говорот.

Бојан Кордалов, експерт и комуниколог/Фото: Слободен печат

– При секоја законска измена која се однесува на интеренет просторот, многу важно е да се зачува слободата на говорот и изразувањето. И токму затоа сите регулативи што се носат на светско ниво се внимава да го исполнувааат ова начело. Втората работа кога зборуваме за дезинфомаџиите и теориите на заговор небројни пати е кажано колку можат да наштетат на државата, луѓето и демократскиот поредок. Она што е најпотребно е институциите да бидат обучени да препознаат што се лажни вести и дезинформации. Да се дејствува брзо во демократска процедура и многу повеќе да се превенираа појавата каде за сојузници на институциите треба да бидат граѓаните. Бидејќи борбата против дезинформациите се води за самите граѓани, луѓето. Бидејќи на крајот штетата ја трпат токму обичните луѓе – оценува Кордалов.

Според комуникологот регионот има проблем со детектирање на оваа појава.

– Зошто е важно да се препонзваат. Бидејќи во македонски или балкански контекст тие најчесто се мешаат во самата терминологија, овдека мислам на тоа што е лага или што е лажна вест. Ако некој политичар вети дека ќе изгради пат а не го изгради тоа е лага. А лажна вест има за цел да наштети и да предизвика штета која во исто време креира негативен импакт. Значи политичката лага има политичка консеквенца а лажната вест ја напаѓа дражавата, системот или секој поединец како човек – заклучува Кордалов.

Според него државите од регионот вклучително и Македонија потребно е да го следат светското односно европското законодавство кое се однесува на регулирање на интернет просторот. Во таа насока државите од регионот треба да го креираат своето законодавство за оваа сфера кое пред се ќе биде модерно и во исто време демократско.

Дезинформациите стануваат камен на сопнување во членство во ЕУ

Дезинформациите во македонскиот интернет простор се шират забрзано и ги има сè повеќе. Загриженост за ова прашање истакна и Европската комисија во последниот Извештај за 2022 година за напредокот на С. Македонија во нејзиниот евроинтеграциски пат. Во Извештајот се вели дека постојат „растечки закани од дезинформации“, а како главен извор на различни видови на дезинформации ги посочуваат онлајн медиумите и социјалните мрежи.

– Онлајн медиумите не се регулирани со конкретен закон, а постојат различни ставови за потребата од регулација, особено во поглед на растечките закани од дезинформации. Онлајн медиумите и платформите на социјалните медиуми се главниот извор на дезинформации, мисинформации, говор на омраза, прекршување на професионалните стандарди и прекршување на правата на интелектуална сопственост, се вели во Извештајот на ЕК за 2022 година. – се вели во докиументот на ЕК.

Во документот на ЕУ се додава и дека во контекст на дезинформациите коишто доаѓаат во врска со војната во Украина, македонската Владата во март 2022 година го забранила реемитувањето на руски ТВ канали со измена на Законот за рестриктивни мерки.

Инаку досегашни извештаи кои се темелат на полициски извори посочуваат дека полицијата до сега има постапувано по десетици предмети, но додаваат дека сепак е многу тешко бидејќи нема конкретни закони. Од таму на неколку пати досега информираат дека реално кривично дело нема но, и дека можат да постапуваат по нив само кога се поврзани со друго кривично дело.

Во Кривичниот законик – кривично дело за лажни вести нема. МВР постапува против лажните вести во кордианција со Јавното обвинителство. Од таму се наметнува прашањето дали треба нов закон каде лажните вести ќе бидат кривично дело.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот