Нема шанси граѓаните да ја добијат Владата на суд за проблемот со личните документи

Нов пункт во ПС ''Пролет'' за вадење на лични документи / Фото: „Слободен печат“- Методи Здравев

За големата граѓанска криза со личните документи има само еден виновник, Владата, ама граѓаните немаат многу правни лекови на располагање и тешко може да се најде основа за тужба, коментираат повеќе правни експерти и познавачи во врска со тоа дали може граѓаните да ја тужат државата затоа што околу милион граѓани по 12 февруари ќе останат без патна исправа и не можат да ја напуштат државата.

Народниот правобранител Насер Зибери смета дека е нарушено уставно загарантираното право на слободно движење на граѓаните, па затоа може да ја тужат државата или да покренат постапки пред повеќе институции.

– Уставот го гарантира правото на слобода на движење и прецизно одредува во кои услови тоа може да биде ограничено. Со неиздавањето валидни документи на граѓаните им се прекршува ова право. Тука мора да се земат предвид сите патувања, како лекување во странство, посетна на семејствата, одмор, заминување на студии, работа, склучување на бизнис зделки и слично. Што се однесува на прашањето кому да се пожалат, секој граѓанин може да поднесе претставка до канцеларијата на Народниот правобранител, да достави поплака до МВР, а воопшто не е спорно дека заштита на своите права може да ги бара во постапка пред надлежните судови како и пред Уставниот суд – вели Народниот правобранител Зибери.

Според експертите, станува збор за уставно-политички проблем, а не за правно прашање. Велат дека нема поединечен правен лек за ситуацијата во која се најдоа дел од граѓаните.

– Рокот на важење на документите, кој е определен до 12 февруари 2024 година, е дел од преодните и завршните одредби на измените на законите за патни исправи и за безбедност во сообраќајот, со кои се утврди дека дотогаш ќе важат пасошите и возачките дозволи. За личната карта рокот не е усогласен, па затоа старите (без „северна“) лични карти остануваат да важат, но пасошите и возачките дозволи досега мораа да се сменат. Уставниот суд ќе ја цени уставноста и законитоста на овие рокови, а зошто тие се донесени? Па затоа што Македонија го потпиша Преспанскиот договор со Грција, кој пак, е меѓународен договор под покровителство на Обединетите нации, ратификуван во Собранието. А Управниот суд ќе ја цени законитоста на постапката при издавање на личните документи, која е законита. На суд ќе биде кажано дека законите се сменети во 2021 година, дека граѓаните знаеле за обврската и имале време да ги заменат документите. Метежите почнаа пред девет месеци, а претходно пасошот се вадеше за 15 дена – објаснуваат правни екстерти.

Во врска со тоа што Владата издаваше лични карти и пасоши со името Република Македонија во периодот од промената на уставното име до јуни 2021 година, правниците велат дека за тоа е единствено одговорна Владата која не ги направила навреме подготовите за да се изврши промена на документите и за тоа оштетените граѓани евентуално може да бараат надомест на штета пред судовите.

Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека секоја одлука на кој било управен орган може да се оспори пред Управниот суд, но тешко дека граѓаните ќе имаат мотиви, нерви и верба за такви потези.

– Ова е невидено малтретирање и голем финансиски удар за граѓаните. Зошто сето ова се направи на овој начин? Во многу земји кога се менува назив на институцијата документите не се менуваат веднаш, туку старите документи остануваат во употреба и важат сè до истекот, а потоа се менуваат во редовна постапка, без метеж, нервози и проблеми. Ова што сега се случува наликува на нас, каде сè се прави со политиканство и со безобразно однесување. А овој мирен народ уште на дополнителен трошок за тужби ли да се изложува, кога знае што да се очекува. Свесни сме какви пресуди се донесоа за новинарите кои беа загрозени во Собранието на 27 април, свесни сме колку (не) беа обесштетени граѓаните за масовното прислушување. Народот нема верба дека може на суд да добие процес против државата – вели Давидовиќ за „Слободен печат“.

Според него, Владата требало прва да реагира и да ги заштити граѓаните.

– Владата требаше прва да постапи затоа што центарот на сè во оваа држава е граѓанинот, а потоа сè друго, како меѓународни договори и слично. Требаше да реагираат и Собранието и Уставниот суд – вели Давидовиќ.

За официјална Атина, пак, е исклучително тешко да прифати дека во период од пет години не била можна замена на пасошите. Грчки дипломатски извори ја брифирале МИА дека Скопје не ја контактирало Атина за евентуално продолжување на рокот. Според грчките владини извори 12 февруари како краен датум за прилагодување на документите, особено на патните исправи и регистарските таблици е рок што е одреден пред пет години, а официјална Атина сега очекува целосна имплементација на договореното.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот