Интервју | Насер Зибери: Исклучиво Владата е одговорна за проблемите со личните докумети

Насер Зибери, Народен правобранител
Насер Зибери, Народен правобранител

Народниот правобранител Насер Зибери смета Владата е одговорна за хаосот со издавањето на личните документи на граѓаните затоа што направила повеќе пропусти и не обезбедила навреме услови за замена на личните карти, пасошите и возачките дозволи, кои согласно со Преспанскиот договор требаше да бидат сменети до 12 февруари 2024 година. Околу милион граѓани сè уште се без нови пасоши и по 12 февруари не можат да ја напуштат земјата, а не е јасна ниту ситуацијата со личните карти, кои не мора да се усогласат до 12 февруари, но Народниот правобранител нема прецизен одговор од Министерството за внатрешни работи до кога точно ќе важат личните карти со важечки рок со старото име на државата Република Македонија.

Што презеде Народниот правобранител пред надлежните институции во врска со недостоинствениот начин на поднесување на барања и издавањето на личните документи во Скопје, пробиените рокови за издавање на документите кои граѓаните ги чекаат и по цел месец откако ќе се фотографираат, неможноста по итна постапка брзо да се извадат документи итн.

– Веќе неколку пати сум кажал што досега институцијата Народен правобранител има направено во врска со овој голем проблем. Така, уште летото ние баравме Владата, односно државата да ги сноси трошоците за промена на личните карти како документ кој според законските прописи е задлжителен за секој. МВР во одговорот на ова наше барање се повика на одлука на Владата со која Министерството е задолжено да ги измени подзаконските акти за издавање на личните исправи, но дека не предвидела средства за надоместок на граѓаните. Грешката е направена кога по стапувањето на сила на измените на Уставот и стапувањето на сила на уставниот закон за спроведување на амандманите, на граѓаните им се издаваа документи со старото име Република Македонија. Сметам дека државата по стапување на сила на уставните измени не смееше да издава лични исправи со стари обрасци, односно со името Република Македонија, туку за сите граѓани требаше навреме МВР да ги донесе подзаконските акти и да ги уреди обрасците за личните исправи, па граѓаните по стапување на сила на уставните измени да добијат исправи валидни согласно Уставот на Република Северна Македонија. Лично сметам дека по усвојувањето на измените Владата мораше на една од првите наредни седници заедно со МВР да изготви оперативен план за пристапување кон примена на уставните амандмани. Тоа подразбира давање на еден временски роковник во кој прво ќе се пристапи кон измени на законите за патни исправи, за безбедност во сообраќајот, законот за лични карти и по измените на овие закони веднаш да се задолжи МВР да пристапи кон измени на подзаконските акти и правилници и обрасци, па по шест месеци Владата да биде спремна граѓаните да ги снабдува со нови лични документи согласно уставите амандмани. Тоа не е направено, што значи одговорноста за тој пропуст, односно одлагањето на уставите амандмани при издавањето на личните исправи е исклучиво на Владата. Сега слушаме дека новиот технички министер за внатрепшни работи најавува план за средување на проблемите. Да бидам искрен, сè уште не сум се сретнал со него за да се запознаам што точно ќе предложи, но се надевам дека МВР сепак ќе најде сили да ги зголеми капацитетите граѓаните да ја отпочнат процедурата за вадење на исправите, барем да поднесат барање и да се сликаат. Од самото министерство кажаа дека нема да успеат на сите граѓани да им ги издадат документи до 12 февруари.

* Има ли институцијата Народен правобранител информација до кога ќе важат личните карти со старото име Република Македонија? Дали ќе важат додека им е рокот или надлежните планираат да определат некоја временска рамка?

– Пративме допис до МВР за да видиме што се подразбира под тоа дека „личните карти за внатрешна употреба ќе важат и по 12 февруари“. Ова го бараме со цел да не се случи граѓаните дома да не можат да користат услуги за кои им се потребни личните карти, а такви знаеме дека не се малку. Се надевам дека личните карти за внатрешна употреба ќе важат сè додека и последниот граѓанин не ја смени затоа што во спротивно проблемите кои ги создава овој процес ќе се мултиплицираат, а тоа никој не го посакува.

* Што е со правото на граѓаните на слободно движење за оние кои сакаат да патуваат, а останаа без пасоши заради лошото планирање на власта за процесот на издавање? Кому да се пожалат граѓаните, околу еден милион на број, кои после 12 февруари ќе останат без патна исправа?

– Уставот го гарантира правото на слобода на движење и прецизно одредува во кои услови истото може да биде ограничено. Овој проблем кој сега се создаде не го опфаќа, па со неиздавањето на валидни документи на граѓаните им се прекршува ова право. Тука мора да се земат предвид сите патувања, како лекување во странство, посетна на семејствата, одмор, заминување на студии, работа, склучување на бизнис зделки и слично. Што се однесува на прашањето кому да се пожалат, секој граѓанин може да поднесе претставка до канцеларијата на Народниот правобранител, да достави поплака до МВР, а воопшто не е спорно дека заштита на своите права може да ги бара во постапка пред надлежните судови како и пред Уставниот суд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот