Нема новозаболени пациенти од хепатит Ц во Штип
Нема новозаболени од хепатит Ц. Бројката од шесттмина поранешни пациенти на штипска ортопедија останува непроменета. Раководството на штипската Клиничка болница за случајот го има известено Државниот здравствем и санитарен инспекторат (ДЗСИ). Но, ниту контролите на инспекторите на Државниот здравствен санитарен инспекторат не го открија изворот на заразата и како шесте поранешни пациенти на штипска ортопедија се заразиле со хепатит Ц.
– Преземени се сите потребни противепидемиски мерки: проверка на исправност на стерилизатори, асептични постапки при третманот на пациентите, санитарно-хигиенска состојба на објектот, предоперативен скрининг на пациентите итн. При надзорот не се утврди потреба за иницирање на дополнителен стручен надзор, се вели во соопштението од ДЗСИ.
Од Центарот за јавно здравје Штип информираат дека заболените пациенти се пријавени во периодот од 9 јули до 15 август, а тие се и единствените пациенти со овој вирус во текот на годинава во Источниот регион. Се уште останува нејасно дали некој од пациентите и претходно бил носител на вирусот. Пациентите се повозрасни граѓани, од различни градови на истокот. Заеднички им е што претходно биле пациенти на ортопедија, едни оперирани, а дел и неопрерирани. Откако е откриена заразата од инфективното одделение, болницата од 1 септември ги смени и протоколите за предопративни зафати.