Луѓе пред ЕУ инфо центар Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Нема друга алтернатива за Македонија освен членство во ЕУ, но прашање е како и кога?

Домашните познавачи на состојбите се со подделени мислења околу нашата европерсептива, во однос на тоа како тоа да се забрза а при тоа да се исполнат сите неопходни реформи и услови за земјава.

Има ли Македонија друга алтернатива и која би била таа освен полноправно членство во Европската Унија. Ова се дел од дилемите во домашната јавност откако земјава се соочува со условен застој на патот кон европскиот сојуз поради внесувањето на Бугарите во Уставот, додека пак последната анкета на ИРИ говори дека и покрај наметнатиот услов од страна на Софија кон нас, над 73 отсто од Македонците сепак сакаат да ја видат земјава во Унијата. Домашните познавачи на состојбите се со подделени мислења околу нашата европерсептива, во однос на тоа како тоа да се забрза а при тоа да се исполнат сите неопходни реформи во земјава.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски во изјава за „Слободен печат“ вели дека е срамен показател што граѓаните забораваат оти токму Европската Унија сиве овие години ни го негира нашиот непобитен факт на постоење како Македонци со сите нови наметнувања на услови за наше полноправно членство во ЕУ, меѓу кое и последното за внесувањето на Бугарите во Уставот на земјава.

Ристо Никовски / Фото: Архива на Слободен печат

– Срамен е податокот дека преку 70 отсто од жителите на оваа држава сакаат да влезат во Европската Унија по се што ни прави Брисел. Можно ли е нашиот народ толку да биде не свесен дека Унијата негира дека ние постоиме како Македонски народ и, ако еден ден влеземе во неа, можеме да бидеме само како аморфна маса. Тоа е првиот дел од приказната. Вториот е фактот дека Унијата нема да се проширува макар уште 10 години, а факт е и дека можда Македонија нема никогаш да биде примена. Сето тоа покажува дека пропагандадата за Унијата која, ја спроведува власта, и која се базира на сериозни измами – има ефект – посочува Никовски.

Од друга страна пак политикологот Милан Стефановски високата наклонетост на македонските граѓани кон политиките на Европската Унија во земјава ги гледа како резултат на нашата долгогодишна државна стратешка определба од осамостојувањето а тоа е наше членство во евроатланските сојузи. Според него не постои друга алтернатива за Македонија освен полноправно членство, но прашање е како тоа да се изведе и кога би било истото реализирано.

Милан Стефановски – Политиколог / ”Слободен печат” – Драган Митрески

– Во она што никој не може да не спречи, освен самите, е одлучното спроведување на реформите, без оглед дали сме ги почнале преговорите, или не. Тоа е најдобра алтернатива која води кон успех од кој зависи и членството во ЕУ. Секако, тука сега е исправен и проблемот со вметнувањето на Бугарите како нов услов од Брисел за наш напредок кон полноправно членство во еврозоната. Сепак, политичките гарнитури не зависно за кого станува збор, опозиција или позиција треба да ги усогласат ставовите а тие ги знеме сите дека се скроени со нашата стратешка определба а тоа е евроатланската наша интеграција. Патот е секогаш макотрпен, особено за Македонија но целта верувам ќе ги потисне тридецениските наши транзициски лутања по ходниците на Европската Унија – оценува политикологот Стефановски.

Во меѓувреме на прв поглед вниманието во последната анкета на ИРИ го привлекува и податокот за рејтингот на партиите при што во документото води ВМРО-ДПМНЕ со претпоставка дека би победиле на следните избори, ако се одржат утре. Тоа е секако факт што говори за едно моментално расположение, кое може и да се промени, затоа што изборите нема да се одржат утре. Но интересно е што сепак, останатите податоци оставаат простор за анализа според која може да се види дека граѓаните подеднакво искажуваат незадоволство и од власта и од опозицијата.

Еден од показателите за тоа е рејтингот на партиите кој е на дното од довербата кон институциите, само 4 проценти што е еднакво со судскиот систем кој традиционално е на најдолните гранки на (не)доверба меѓу граѓаните. Гледано пак од аспект на споредба на довербата меѓу власта и опозицијата разликата е само еден процент предност на опозицијата 8:7 проценти, во корист на опозицијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот